На медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани, апелира во денешното соопштение Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во однос на вчерашната лидерска средба на политичките партии во Клубот на пратеници.
– По реакцијата на дел од фоторепортерите на кои вчера за време налидерската средба на политичките партии во Клубот на пратеници, не им беше овозможено да си ја вршат слободно својата професионална задача, Агенцијата апелира дека треба да се најде соодветен начин, на медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани што се од јавен интерес дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки, се наведува во соопштението од Агенцијата.
Оттаму посочуваат дека зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите.
– Медиумите имаат различен пристап во обликувањето на содржините коишто и ги пласираат на јавноста, која пак, само преку разновидни информации може да изгради сопствен став. Од овие причини, Агенцијата потсетува на неопходноста од создавање услови за извршување на обврските на медиумските работници, се додава во соопштението.