Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) констатираше дека по јавното укажување од 14 септември, две телевизии од оние кои се предмет на надзор за начинот на покривање на референдумот не го усогласиле емитувањето на платената јавна пропаганда со Упатството за медиумско претставување за време на референдум.
„1ТВ не го почитуваше дозволеното време за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот, а ТВ Сонце рекламните пораки за „БОЈКОТ“ на референдумот, спротивно на правилата, ги емитуваше во повеќе изданија на посебни информативни програми. Против двата радиодифузера, Агенцијата ќе покрене прекршочни постапки за прекршувањата констатирани во периодот од 15 до 20 септември 2018 година. Извештаите од надзорот се достапни на веб страницата на Агенцијата www.avmu.mk“, соопштија од Агенцијата.
Дополнително, соопштија оттаму, проверката на почитувањето на правилата за емитување платена јавна пропаганда во овој период, покажа дека кај неколку радиодифузери, на 20 септември 2018 година, има отстапувања во поглед на лимитите за емитување на рекламните пораки „ЗА“ референдумот. Доколку податоците од следните денови покажат дека не станува збор за ненамерни грешки, и за овие радиодифузери ќе следат мерки согласно регулативата.