Една работа треба да добро да се запамети во бурниот и, одвреме-навреме, брутален разговор на Сашо Орданоски со водачот на опозицијата Христијан Мицкоски. Таа работа е сврзана со „професорката Каракамишева“ која Мицкоски „многу ја почитува“. Затоа што била „автохтонка“. Затоа што имала „автохтон“ однос кон некој „процес“. Како што и нејзиниот „пркос“ против заевизмот бил „автохтон“. Наспроти сите оние кои немаат таков пркос и затоа се, според „автохтоната логика“ и политичка филозофија на автохтониот водач на опозицијата, варвари. Или ksenoi, како што ги викале старите Грци.
Каква е таа убава, „автохтона“ логика на Мицкоски која толку многу му се допаѓа? Наспроти ксенои-логиката на оние што имаат било некоја воздржаност, било симпатија кон заевизмот затоа што не му пркосат, „автохтоно“ како што го правела тоа „професорката Каракамишева“? Таа логика е, по сите нишани и салтанати, манихејска, затоа што дели луѓе на две големи групи: домородци или avtohtonoi и странци или ksenoi, како што ги викале старите Грци.
Зошто серт-водачот на опозицијата бескрајно ја почитува „професорката Каракамишева како „автохтонка?“ Затоа што не подлегнала на опасноста да го внесе, во својот внатрешен свет, оној странец „ксенос“ како што ни објаснува една дебела книга на таткото на длабинската психологија Сигмунд Фројд, а кој го нарекува Umheimlich или „длабоко интимно“? Затоа што еден филозоф како Фридрих Ниче, на кој се повикува сега неговиот духовен татко Никола Груевски од Будимпештава, тоа „длабоко интимно“ го нарекува „странец на себеси“? Затоа што една универзитетска професорка (ама на Сорбона!), како Бугарката Јулија Кристева, на таа тема напиша една дебела книга за да ни објасни дека оние странци (ksenoi) не се надвор од нас, туку, напротив, во самите нас. Дека, токму затоа што се внатре, во самите нас, затоа што ги потискаме вo некоја длабока, студена сенка, тие ни вадат душа со лажиче?
На неколку пати Сашо Орданоски му се обрати на својот соговорник со прашање зошто толку многу е „фрустриран од Заев?“ Зошто не го вади од уста и зошто дозволува „сладострастно“ (Достоевски) полека и бавно да му труе душа како оној славен „ресантиман“ на Ниче до кој сѐ уште не стигнал пастир Никола? Што и како одговори водачот на опозицијата Христијан? Ништо или, ако веќе кажа нешто, тоа би било некое „Господ знае што“.
Ако, веќе не се работи за фрустрацијата Заев, како што мисли Христијан, ако не се работи ни за една фрустрација со киклопски размери како што мисли Орданоски, тогаш повеќе од сигурно е дека се работи за сосем нешто друго. И тоа многу поопасно кое, како што тргнале работите, еден ден ќе му дојде до глава на опозиционерот Мицкоски. Што е тоа друго?
Тоа друго е токму тој Зоран Заев кој ѕирка од „внатрешниот свет“ (душа) на шефот на опозицијата, огнен, голем љубител на „автохтон пркос“ каков што со години одгледува и продава „автохтонката Каракамишева“. Тој го потиска во таа своја измачена, испустена душа својот Заев. Тој го пердаши и дави. Но никако да го задави затоа што токму тој е неговата „длабока интима“, неговото Umheimlich или „странец на самиот себеси“ како што вели Кристева.
Најпосле, кој може да задави своја „длабока интима“? Ајде, да речеме, дека тоа би можело да му појде од рака на еден „автохтонец“ како Мицкоски, на пример. Ама, ако му појде, што човек би бил тој без „длабока интима“? Згора на тоа и шеф на опозиција, љубител на професорки со „автохтон пркос“.