Автопатот не е ни на Груевски ни на Заев, туку на даночните обврзници!

Владата во Демир Капија испрати порака дека гради пријателство со соседите, но можеше да испрати уште една важна порака – дека ќе гради пријателство и внатре, меѓу граѓаните со различни политички убедувања.

4444

Никола Груевски потроши десет години од нашите животи градејќи криминален режим, досега невиден во нашата историја. Тој негов учинок дефинитивно му го одзеде моралното право да говори дека освен таа тврдина на злото, во животот изградил било што друго. Нешто за доброто на сите. И Хитлер изгради автопат и триста чуда, но светот ќе го памети по изградените концентрационите логори и по стравичните злосторства.

Скиселен поради свеченото отворање на автопатот Демир Капија – Смоквица, Груевски безобразно изјави дека Зоран Заев не само што нема да успее да изгради 600 километри автопат за четири години, како што наводно ветил, туку нема да изгради ниту еден километар. Тоа е изјава на очаен човек, кому му се заканува долгогодишна затворска казна. А се темели на погрешно пренесена изјава на Заев, чии 600 километри не се автопат, туку патишта.

Во суштина, проблемот не е во тоа кој бил скиселен, а кој бил радосен, туку во фактот дека не е добро кога политичарите се китат со туѓо перје. Ниту Заев го изгради автопатот Демир Капија – Смоквица, а богами ни Груевски. Патот го изградија вредните градежници, а го плаќаат и допрва ќе го плаќаат даночните обврзници, граѓаните на Република Македонија.

Затоа, ако јас се прашувам, веќе не смее да се дозволи свечените отворања да бидат (зло)употребувани за билдање на било чиј личен или партиски рејтинг. Тоа е неприлично, невкусно и нѐ потсетува на едни минати времиња, на една ментална матрица од која мора да се ослободиме час поскоро.

За љубов на вистината, она што можеше да се слушне во Демир Капија сведочи за поинаков вид пораки. „Овој пат води кон ЕУ“. Тоа е таа моќна порака што мораше и вредеше да се слушне баш сега. Ќе беше по мојот вкус таа да биде изречена од устата на најстариот градежен работник или можеби од првиот патник на автопатот. При што присуството на Заев, Жбогар и на другите званици ќе беше понеупадливо, а и подостоинствено.

И уште нешто: редно беше на оваа церемонија да бидат поканети претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Не Груевски, се разбира. Но, можеше да биде поканет новиот претседател на партијата, некој од потпретседателите, или некој од пратениците. Можеше и на таков начин да се испрати порака дека Македонија ќе гради пријателство (како што е името на автопатот), ама не само со соседите, туку и внатре, меѓу граѓаните со различни политички убедувања.

Но ете, тоа е… Во следната прилика можеби некому ќе му текне дека може и поинаку.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...