Автобусите на ЈСП секојдневно се дезинфицираат, потврдуваат и од претпријатието

- Секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од превентивните мерки од корона вирусот, велат од ЈСП.

187

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на својот „Фејсбук“ профил објави фотографии од утринската дезинфекција на автобусите на ЈСП, напоменувајќи дека автобусите на јавното сообраќајно претпријатие секојдневно се дезинфицираат како заштита од коронавирусот.

– Автобусите на ЈСП Скопје, секојдневно пред и после пуштањето во системот на превоз, се предмет на целосна дезинфекција. Апелираме на смиреност и почитување на препораките на надлежните државни институции, како и на одговорно однесување кон колективното здравје, на секој од нас поединечно. Здравјето на секој човек е најважно. Фотографиите се од утринсково дезинфицирање – напиша Шилегов.

Од ЈСП – Скопје за Плусинфо ја објаснија целата процедура како и кога се врши дезинфекција на автобусите.

– Секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од превентивните мерки од корона вирусот – велат од ЈСП.

Оттаму додаваат дека возилата се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10%, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како ракодржачи и слично.

Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линија или потоа, зависно од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз.

– Инаку, редовна внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекционо својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега – потенцираат од ЈСП Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...