Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува повикувањето на разговор на новинарите Горан Момироски и Љупчо Златев во просториите на СВР Скопје поради неговите написи за наводна злоупотреба на службената положба на генералниот секретар на Владата на РСМ и барањето да го открие својот извор на информации, соопшти Агенцијата.
– Домашната и меѓународната легислатива го гарантираат правото на новинарите да ги штитат своите извори. Барањата за откривање на новинарските извори претставуваат не само притисок врз новинарите туку и кршење на Уставот на РСМ, Законот за медиуми, Европската конвенција за човекови права и основни слободи, препораките на Советот на Европа.
Отсуството на заштита на изворите на информации може да ги одврати од комуникација со новинарите за работи од јавен интерес, што пак води кон самоцензура и поткопување на виталната улога на медиумите да бидат коректори на власта, стои во соопштението на АВМУ.
Од таму додаваат дека за последните притисоци врз новинарите ќе ги информираат претставниците на дипломатскиот кор, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир и комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ.