Политиката, дури и во денешна смисла, односно осообено во денешна смисла, недвојбено е процес/активност кој(а) што суштествено влијае – позитивно и(ли) негативно – врз животите на поединецот, но и на цели народи. Но тоа отсекогаш било така, дури и пред античките Грци да го сковаат зборот πολιτικά во значењето на „работи на градовите“ – некогашните градови држави, подразбирајќи го во тој поим донесувањето одлуки, управувањето, операционализацијата на цел еден систем што го тангира животот на градот (тогаш) односно на државите (подоцна), а богами и судбината на светот и човештвото во денешната, современа смисла.
Оттука, всушност, политиката – волно или „неволно“ – се наметнува(ла) како најважната активност на човекот уште од почетокот на цивилизацијата каква што ние ја разбираме, до денес. И тоа никој не може да ѝ го оспори, колку и да се труди или да потсетува и на сите оние негативни страни на оваа активност, која што, често, себеси сака да се нарекува и уметност или наука на владеењето (управувањето)! И колку и да некому му е одбивна, политиката управува со нас, на дневна, годишна, животна основа! Но, всушност, не ни е одбивна политиката per se, туку токму нејзината негативна страна – политикантството, „црната политика“, корупцијата и криминалот како нејзини пропратни „активности“ итн. Ама, зарем нив ги нема во другите човечки активности, та сега ќе плукаме само по политиката, и политичарите? Пресилно ли ќе е ако кажеме дека да не беше политиката човекот сè уште немушто ќе седеше покрај племенскиот оган, досадувајќи се?
Македонската денешница е нагледен пример, безмалку жив доказ за моќта на политиката. Како инаку ќе се разрешеше оној апсурден – со или без наводници, зависи од страната која што го проценува – спор за името? Со војна, можеби? И кој против кого? Александровите потомци против Александровите потомци, што ќе рече некаков современ „братоубиствен“ колеж? Зашто, ако се следат (еден дел од) реакциите на двете страни и полагањето на правото дека (само) едните или (само) другите се токму од Александар миропомазаните, тогаш зборот браќа, или барем братучеди, и не звучи така еретички, предавнички, непатриотски …?
Или сепак некој би ме бесел поради таквата констатација? Како и да е’, победата на политиката во овој „спор“ е (уште еден) доказ за нејзината современа моќ. Но, од друга страна, овој „спор“ докрај ги разголи и сите нејзини лоши страни, особено неспособноста, некомпетентноста, глупоста и ирационалноста на голем дел (не само) од македонските политичари. Или, подобро речено – политиканти. Зашто, што сè не слушнавме од нив: за Грците, за нас, за историјата, за политиката, за совремието … да те бог сачува!
Македонската политика – зашто не сакам да говорам за соседските политики и политиканти – уште еднаш, јасно и гласно го покажа сето свое незнаење, немоќ за дијалог, својата регресивност и неверојатна етноцентрична самобендисаност. Неспособноста да се разбере и другиот, да се согледа прашањето/проблемот од сите аспекти и инсистирањето на некакви изживеани националистички тези што водат само и единствено во меѓународна изолација предолго, веќе речиси три децении ја држеа земјава во егоистичните мракобесни илузии на неуките и прости политиканти. Или, ако сакате, само игноранти и илитерати односно политиканти и мутикаши кои не ја познаваат ни грчката ниту македонската историја не можеа / не можат да ја согледаат комплексноста на спорот за името!
Зашто, ако „Првата страна“ (Грција), во членот 7 точка 1 инсистира дека термините „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат „… не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“, таа (Првата страна) ни го повторува ноторниот факт пресликан и со илјадници години елабориран низ нивната историска и современа политичка диоптрија. Тоа е (политичко, историско, идентитетско, географско и секакво друго) наследство кое што оформило специфичен светоглед актуелен до денешен ден. „Првата страна“, имено, со овој член само уште еднаш го потенцира многувековното грчко (античко, елинистичко, византиско …) идентитетско вјерују дека опфатот на грчкиот идентитетски корпус допира(л) на исток дури до Украина, на Запад стигнува(л) и до Марсеј, а на Север …
И тоа е сознание, историографија, наука, политика, секојдневна библија со која растеле генерации и генерации во таа земја. Па дури и во времето на полисите односно настанувањето на зборот πολιτικά – значи во отсуство на една отелотворена држава – тие така го опсервирале и промислувале грчкиот идентитет кој што, недвојбено, ја опфаќал и територијата на тогашните Македонци, Филип и Александар, кои (велат тие) говореле само на некој расипан грчки дијалект.
А Демостен и неговите „филипики“? Демостен (велат) бил само еден премногу ревносен, да не речам хистеричен човек, кој уживал Македонците да ги нарекува варвари, истакнувајќи го така приматот на атињаните. Ако ова не го знаеме – ништо не знаеме. И ако „Првата страна“ (Грција) се согласила да стави потпис на Спогодба во која што се вели дека термините „Македонија“ и „македонски“ „во однос на Втората страна (…) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни (…)“, тоа значи дека дел, нека е и мал, од современата грчка политика/политичари направил(е) огромен, (некои велат самоубиствен!), чекор во насоката на решавањето на проблемот.
Како впрочем и кај нас, со прифаќањето на географската одредница во нашето уставно име. Како што, подеднакво, кај нас е/беше голем и обидот да се разберат мотивите на „другата страна“, а едновремено да се стават настрана, заради повисоки цели, редица наши национални и националистички митови и бајки, историски стремежи и неисполнети копнежи, да се оспори – конечно и неотповикливо – доминација на минатото врз иднината! Тоа се, впрочем, белези на сериозна современа политика и одлики на современи политичари.
Зашто, варијантата на другите „политики“, оние на неприфаќање на историските факти и аргументи, на потенцијално различните можни читања на историјата и (особено!) нејзината (зло)употреба во жестоки националистички цели, држењето до суетите и племенската сплотеност на овие простори е веќе видена приказна. Приказна односно „политики“ кои што редовно завршувале со крвави пресметки. А тоа е нешто што на оваа земја и на овој народ најмалку му треба. Фактот што говорот на современата политика – денес и овде, во Македонија и во Грција преку постигнатата Спогодба – го симна националистичкото политикантство од тронот на посакувана врвна вештина е огромна придобивка.
Останува да се види дали и идните генерации македонски политичари ќе ја продолжат таа сега востановена пракса.