Јанкулоска осудена на шест години затвор

Кацарска рече дека судот смета оти чест е да се биде носител на јавна функција, меѓу кои е и министер за внатрешни работи. Но, тоа е и обврска токму затоа што легитимитетот го добива од граѓаните. Граѓаните, посочи таа, имаат право да знаат како се трошат парите. Никој, а најмалку носителите на јавни функции не смеат да ги омаловажува граѓаните.

4918

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена на шест години во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес каде СЈО ја теретеше за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Пресудата ја донесе петчлениот судечки совет со кој претседава судијката Добрила Кацарска. Јанкулоска не дојде на изрекувањето на пресудата.

Судијката наведе дека возило е набавено во МВР, а од доказите произлезе дека всушност било набавено за да го користи сега веќе осудениот Никола Груевски. Таа посочи дека со техничките спецификации објавени во тендерот бил фаворизиран еден економски оператор, а биле објавени и посебни услови, со што била исклучена можноста набавката да ја добие некој друг.

Дека возилото е набавено противзаконски со цел да се исполни желбата на Груевски да се вози токму во вакво возило, рече судијката.

Судот смета дека наводите дека не треба да се прифатат како доказ се неосновани бидејќи јавниот интерес е пред се.

Сведоците, рече Кацарска, сведочеа дека старото возило често се расипувало, но предмет на овој судски процес е начинот на набавка.

Кацарска рече дека судот смета оти чест е да се биде носител на јавна функција, меѓу кои е и министер за внатрешни работи. Но, тоа е и обврска токму затоа што легитимитетот го добива од граѓаните. Граѓаните, посочи таа, имаат право да знаат како се трошат парите. Никој, а најмалку носителите на јавни функции не смеат да ги омаловажува граѓаните.

Двете страни имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје. Ако не биде поднесена жалба пресудата ќе стане правосилна, но доколку има, што е извесно дека ќе го направи одбраната, пресудата ќе стане правосилна кога за жалбите ќе одлучи второстепениот суд.

Денешната, е прва пресуда против Јанкулоска, а таа е обвинета и во уште два други предмети на СЈО. Во случајот „Титаник“ кој е поврзан со изборни нерегуларности, како и во „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на незаконско уништување на два системи за прислушување во МВР и незаконско (без судска наредба) следење на комуникациите на над 5.000 телефонски броеви.

Против екс министерката пред десетина дена СВР Куманово поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба поради незаконско вработување на сопруга на висок полициски функционер во МВР.

За случајот „Тенк“ во кој денеска Јанкулоска ја слушна пресудата, СЈО ја отвори истрагата на 24 јануари 2017 година, а на 29 јуни истата година до Кривичниот суд поднесе и обвинение. Судењето против Јанкулоска се одвиваше во одвоена постапка бидејќи таа имаше ризична бременост.

Во овој предмет осудени се и поранешниот премиер Никола Груевски и екс помошник министерот во МВР Ѓоко Поповски. Пресудите се правосилни откако Апелациониот суд во петокот ја потврди пресудата на Кривичен, па Груевски е осуден на две години затвор, а Поповски на 4 години и 6 месеци (Апелација му ја намали казната откако првостепениот суд го осуди на 6 години и 6 месеци).

За СЈО, Јанкулоска била свесна за тоа што го прави

Обвинителите од тимот на Катица Јанева тврдеа дека екс министерката била свесна за делото за кое се товари и сакала да го направи, со умисла го поттикнала Поповски да направи кривично дело.

Од доказите тие наведуваа дека во 2011 во МВР била донесена одлука да се набави блиндирано возило со одреден степен на заштита, но поволно за вредност од околу 22 милиони денари. Во одлуката за оваа набавка пишувало и дека на ваков чекор се одлучиле бидејќи испитувањата на пазарот покажале дека ново возило е скапо за куповната моќ на министерството. Меѓутоа, одлуката била укината со назнака дека истата ќе се повтори, па во планот за јавни набавки за 2012 година првично било предвидено возило од околу 15 милиони денари. Планот го потпишала Јанкулоска како министерка, но, ваквиот износ подоцна бил променет на сума од над 30 милиони денари. Исто така, било наведено и оти ќе се купи ново, а не поволно возило.

За СЈО во овој процес беше спорно зошто од МВР не го распишало истиот тендер како претходната година и само зборот „поволно“ да го замениле со „ново“ наместо да ги менуваат и техничките спецификации за возилото со кои се фаворизира конкретна фирма и возило.

Во судскиот процес се слушаа и „бомби“, од кои според обвинителите, се гледаат намерите на обвинетите и нивните договарања за набавката, се слуша што бара Никола Груевски (меѓу што и монитори на задните седишта), како Јанкулоска кажува дека е извесно кој ќе ја добие набавката, како бара финта за да се стесни просторот за конкуренцијата итн.

Јанкулоска сметаше дека судиите се пристрасни

Од друга страна, пак, Јанкулоска и нејзините адвокати ги отфрлија обвинувањата од СЈО. Јанкулоска пред судот тврдеше дека во целиот нејзин мандат како министерка за надворешни работи работела совесно и согласно законот и оти не потпаѓала под нечие влијание, као и дека таа никогаш не влијаела врз други да направат нешто противзаконски.

Обвинувањата, рече екс министерката во нејзините завршни зборови, личеле на тези на политичка партија, а не на обвинение. Во пресрет на пресудата, Јанкулоска рече дека кај неа  постои страв од пристрасност на мнозинството од судечкиот совет кој го води овој предмет, а со кој претседава судијката Добрила Кацарска. Една од причините за ваквиот страв е динамиката со која се одржувале рочиштата. Таа се расплака посочувајќи дека почнало да и се суди кога нејзиното беше имало два месеци, а судењето се завршува кога тоа има три месеци иако има законско право да се грижи за своето дете. Јанкулоска наведе и оти овој судечки совет кој ја донесе пресудата веќе има изградено став за неа кој е искажан при изрекување на претходната пресуда во овој случај за Груевски и Поповски.

Нејзините адвокати, Сања Алексиќ и Боро Тасевски ја оспоруваа автентичноста на снимките со телефонски разговори бидејќи можело да се манипулира со нив затоа што поминале низ многу раце, почнувајќи од тие што наводно ги зеле од МВР до СДСМ и активистите на партијата, па на крај кај СЈО. За нив беа спорни и вештачењата кои, посочија тие, биле направени во отсуство на одбраната, како и од вештаци кои во моментот на вештачењата немале лиценца, а некои од нив, како Тале Герамитчиоски е поранешен функционер на СДСМ и затоа според одбраната, имало и политичка дискриминација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...