Екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не дојде да ја слушне пресудата во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот „мерцедес“. Нејзиното присуство на изрекувањето не е задолжително.
Таа од утрово се наоѓа во Кривичниот суд во Скопје, но во старата зграда каде се одржува рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој таа е меѓу обвинетите. На изрекувањето на пресудата присутен е еден од нејзините адвокати, Боро Тасевски, како и обвинителите Фатиме Фетаи и Стевчо Донев.
Во овој предмет веќе со правосилна пресуда се осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години затвор и екс помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на 4 години и 6 месеци. Груевски, исто така, не дојде да ја слушне пресудата.