Шилегов емотивно сведочеше пред судот: Ми се закануваа дека децата ќе ми ги убијат!

Саше од обезбедувањето на Спасовски проба да ги задржи, беше последниот што остана да ги брани нашите животи - раскажуваше Шилегов чиј глас се растрепери, а очите се насолзија кога зборуваше за заштитата од Сашо Тасевски на „крвавиот четврток“.

4986

Собранието е објект што треба да е со заштита од прва категорија, што мене ми е логично зашто тоа е дел од уставниот поредок, таму е сместена власта. Дива орда дојде до вратите на таква зграда и успеа да влезе без никој да ја спречи. Во рок од 2-3 минути таа орда се најде пред вратите на прес-центарот, раскажуваше Петре Шилегов во судницата за настаните од 27 април лани.

Во неговото емотивно сведочење тој раскажуваше за моментите на нападот, евакуацијата, но и за последиците од „крвавиот четврток“.

– Дел од обезбедувањето што го имаа Зоран Заев и Оливер Спасовски, кое обезбедување по закон ги следуваше, излезе пред вратите на прес центарот и се обиде да ги спречат. Во меѓувреме толпата стаса и кај галеријата горе во прес-центарот, па моравме бироата да ги ставаме едно врз друго за да се симнат пратеничките од галеријата зошто беа во паника дека некој може да ги фрли од горе. Стравот беше и кај нас зошто можевме да слушнеме што се случува надвор, тепање, дел од обезбедувањето влезе во прес-центарот и кажа дека не можат да издржат надвор пред врата. Саше од обезбедувањето на Спасовски проба да ги задржи, беше последниот што остана да ги брани нашите животи – раскажуваше Шилегов чиј глас се растрепери, а очите се насолзија кога зборуваше за заштитата од Сашо Тасевски.

Шилегов раскажуваше како со разни предмети се мавало кон него и другите пратеници во прес-центарот велејќи дека тоа е напад врз живот на човек. Се присети и на моментот кога со дозвола од нив, членот на обезбедување на Спасовски испукал куршум во таванот.

– Човекот извика „Стој полиција, ќе пукам” и пукна во таванот. Но, повторно нагрнаа и почнаа да викаат „Што се замислуваш, мислиш ли дека само ти имаш пиштол тука“. Јас кај двајца од напаѓачите, маскирани, успеав да видам пиштол – сведочеше Шилегов.

Тој пред судот кажа дека тој заедно со Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Дамјан Манчевски, Мухамед Зекири и Оливер Спасовски биле на листата за егзекуција бидејќи дивата орда, како што ги нарекуваше напаѓачите, постојано ги прозивала нивните имиња.

„Излези Шилегов сега да те видиме. Семката ќе ти ја сотреме, децата ќе ти ги убиеме”, биле заканите кои ги упатувале кон него.

Во неговиот исказ, сегашниот градоначалник на Скопје зборуваше и за тоа дека полицијата не преземала ништо.

– Знаете ли колку боли кога на 10-15 метри од вас ќе видите полицајци како стојат и мирно ги пропуштаат да влезат да не убиваат и да не реагираат зошто немале команда… Кога на крај дојдоа полицајците да не спасат, не знаев дали ќе не носат да не утепаат или дошле да не спасат – рече Шилегов.

Кога ги евакуирале од Собранието, како што кажа Шилегов, ги однеле во касарната во Ѓорче Петров каде веќе биле пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

– Делот што ме разочара е што никој не ме праша како сум, а денеска ми пружаат рака. Во ред е, јас раката ја пружив. Тогаш ни вода не ни понудија – кажа Шилегов.

Пред судот тој кажа дека е длабоко убеден дека 27 април било кулминација на добро смислена акција која траела неколку месеци бидејќи им оделе пред куќи, им уништувале имот, им пуштале млади деца да ги снимаат, ги крстиле предавници и ги ставале како такви на некролози низ местата каде живеат.

– Не е убаво да знаете како е да си родител на дете кое останало без нокти зошто ги тргало плакатите со нејзиниот татко бидејќи во школо викале дека е предавник – сведочеше актуелниот градоначалник.

Тој во судница порача дека дали си терорист или не, не зависи од тоа каква професија имаш. На пример, рече, Менгеле бил доктор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...