„Четворката“ ќе покаже колку тежат Заев и Мицкоски кај Македонците

Tокму „четворката“ важи за хомогена Изборна единица и токму таму се нуди чист терен за одмерување на силите, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.

3810

Прилично напорен викенд ги очекува раководствата на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. И двајцата лидери, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во следните неколку денови ќе треба да ги скројат конечните листи со кандидати за пратеници во пресрет на изборите закажани за 12 април.

Заев веќе најави дека на партискиот Конгрес во понеделник ќе ги презентира изборните листи, а Мицкоски соопшти дека истото ќе го стори на јавен настан што неговата партија ќе го организира во среда.

Од она што досега е официјално потврдено е дека лидерот на СДСМ ќе ја предводи листата во „четворката“, но од друга страна, засега е непознато дали неговиот противкандидат за премиер од ВМРО-ДПМНЕ ќе истрча на истиот тој терен или сепак на крајот ќе одлучи да предводи листа во некоја друга Изборна единица, или, пак, како што еднаш веќе спомна, можно е воопшто да не настапи како кандидат за пратеник.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, за Плусинфо вели дека двајцата лидери најдобро ќе ја проверат поддршката од македонските граѓани само во услови на паралелен слалом. Според него, токму „четворката“ важи за хомогена Изборна единица и токму таму се нуди чист терен за одмерување на силите.

– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ говори дека тој е лидер на партија на Македонците, а лидерот на СДСМ вели дека е лидер на мултиетничка партија. Евентуалното прифаќање на Мицкоски да настапи во „четворката“, ќе значи дека тој сака да му докаже на Заев оти има поголема поддршка во Изборна единица каде што доминира македонското население. Од друга страна, Заев е роден во Струмица и „четворката“ практично е негов терен. Во секој случај, сметам дека добро би било двајцата лидери да истрчаат во ист ринг – истакна Петковски.

Во партиските кругови веќе се зборува дека во „двојката“ и во „тројката“ носители на листата на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат Игор Јанушев и Владо Мисајловски, а во „петката“ – оперскиот пејач Игор Дурловски.

СДСМ, пак, брифираат извори од партијата, најверојатно ќе му ја препушти „тројката“ на генералниот секретар Љупчо Николовски, а „двојката“ најверојатно ќе му припадне на сегашниот технички премиер Оливер Спасовски.

За предводник на „единицата“ кај СДСМ најчесто се спомнува името на актуелната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, иако не се исклучува можноста носител на оваа листа да биде Никола Димитров, Венко Филипче или Мила Царовска. Партијата на Мицкоски, според гласините, овде најверојатно ќе настапи со универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова или со разрешената техничка министерка Рашела Мизрахи.

Во „шестката“, коалицијата СДСМ-Беса можно е да настапи со Билал Касами, а ВМРО-ДПМНЕ со Владимир Ѓорчев. Тука е можно да се кандидира и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Рокот за доставување на кандидатурите во Државната изборна комисија истекува на 12 март.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...