Ципрас: Коронавирусот ја тестира издржливоста на јавното здравство

124
ФОТО: EPA / KOSTAS TSIRONIS

Владата мора веднаш да преземе храбри чекори за поддршка на Националниот здравствен систем, како во човечките ресурси, така и во логистиката, вели лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас и предлага конкретни мерки до владата за справување со коронавирусот.

– Ниту сегашниот персонал, ниту сегашниот број легла на Одделенијата за интензивна нега не се доволни да одговорат на можното ширење на епидемијата. Затоа предлагаме веднаш да се формира меѓупартиска комисија, преку која ќе се отворат 4.000 нови места за постојани лекари и медицински сестри. Најмалку 1.000 здравствени работници треба во следните денови да ги зајакнат одделенијата за интензивна нега и одделите за итни случаи – предлага поранешниот грчки премиер и додава дека дополнителниот буџет за Министерството за здравство од 15 милиони евра е мал, истакнувајќи дека се потребни вонредни средства од барем 150 милиони евра.

Во однос на економските мерки, предлага владата да донесе во парламентот дополнителен буџет со редефинирана стапка на планираниот раст и нови мерки за развој за да се заштити економијата.

Ципрас вели дека случувањата во Италија, треба да бидат пример за земјата за навремено да се преземат сите превентивни мерки за да се избегне брзо ширење на вирусот и да доведе до општ карантин.

– Новиот коронавирус не само што ја тестира издржливоста на јавното здравство, туку, ќе ја тестира, во главно, кохезијата на нашето општество. Но, можеме да го победиме. Владата мора да ги слушне и да ги спроведе нашите предлози. Има долг и општествена одговорност. Но, сите ние имаме одговорност. Партиите, црквата, колективните тела на нашето општество. Сите заедно, со нашето однесување, можеме да покажеме дека се грижиме за оној кој е до нас, за нашиот сограѓани, кој е од ранлива група – рече Ципрас.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој вечерва се враќа од Австрија, во текот на утрешниот ден ќе излезе со соопштение за мерките за избегнување на дополнително ширење на вирусот, за заштита на јавното здравје и за справување со економските последици

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...