Тимјаник во Среден век

Размислете тимјаничани, од овој егоизам на ништото, може да се роди права и вистинска војна за ништото што го живееме. Вреди ли да се биде ништо?! Вреди ли бе луѓе?

2845

Селото Тимјаник, сместено во средина на Повардарието, на територија на општина Неготино, треба да остане врежано во нашата колективна меморија, зашто во моментов прераснува во епитом на македонската себичност, провинцијалност, духовна и образовна сиромаштија која прераснала во општествена мизерија. Жителите на ова село веќе одржале еден протест, а ќе одржат и втор, против создавањето мал групен дом за во него да се префрлат деца со попреченост од Специјалниот завод Демир Капија.

Првата група која би требало да пристигне броела три (3) деца.

Мислам дека ми е јасна оваа себичност и од каде потекнува.

Потекнува од параноите и затвореноста на првите, од нивната дрскост пред последните, од замрзнатоста, од немањето хоризонти, од опседнатоста Тимјаник да остане на тимјаничаните. Еден вид локалпатриотизам или национализам, кој не дозволува многу мешање, камоли со некои таму деца со попреченост. Викаат немале градинка, па не идело да имаат дом, и човек и да проба да ги разбере, сепак ги жали.

А малку да прогуглате ќе најдете дека Тимјаник е едно од најурбанизираните села во МК, со огромни и уредени дворови, со нови куќи, се занимаваат со лозарство, и е со популација во постојан раст. Со други зборови, на Тимјаник добро му оди, можеби не се пребогати, можеби животот е минимален, но ни оддалеку сиромашен.

Но, Тимјаник решил дека нема место за три дечиња, иако логото зад кое се обединуваат под слоганот „Тимјаник за нас“ е во форма на срце со најразлични дечиња како се држат за рака.

Не е тешко да се каже што се случува. Тенкиот слој на македонската цивилизираност и култура – базиран на христијанска солидарност или остатоците од братство и единство – пука по сите шавови, заедно со пропаднатите вредности и клиентелизмот на политиката и Црквата, и таа ерозија се случува на најслабите точки од нашата општествена и социјална географија. Во малите места на македонската провинција, во селата на рамниците и планините, во гетата на единствениот и пренаселен град.

Луѓето, дури и во малите заедници на кои им оди добро, се чувствуваат загрозени, оставени сами на себе, навикнати да се снаоѓаат само со политички привилегии, или целосно заборавени од државата и од институциите. И сега, кога државата и инститиуциите тропаат на нивната врата и бараат разбирање и сочувство од луѓето, наоѓаат дека никој не отвoра. Општествениот егоизам се има претворено во идентитетска одлика за многу луѓе и заедници, во форма на квалитет за самоодржување или одржување на општествената хиерархија.

И така доаѓаме до моралното осиромашување, кое, видете чудо, бара неполитички, или предполитички и непартиски форми, постдржавни начини на самозаштитување. Тимјаничани се обединуваат зад знамето на Тимјаник и иднината на нивните деца. Па, ако ова не е Среден век, не знам што е. Овие луѓе немаат толку потреби колку што имаат стравови, тие не бараат еманципација, колку што бараат само заштита, конзервација.

Ако ставот и протестот на Тимјаник успеат, ќе треба сите да се срамиме, бидејќи верувам дека овој искрен отпор постои и на многу други места. Ќе станеме луѓе кои се хумано осакатени, ако се откажеме од овие деца и нивната шанса за нормален живот. Но, Тимјаник нека размисли, ако бариерите им успеат, ако ја истераат политиката од своето село и овие деца, ние ќе најдеме место за нив, но што ли ќе правиме со Тимјаник и нашиот срам, со оваа наша дијагноза? Денес еден, утре можеби, десетина Тимјаник, само ќе ни откријат до каде сме дегенерирале ментално и човечки.

Размислете тимјаничани, од овој егоизам на ништото, може да се роди права и вистинска војна за ништото што го живееме. Вреди ли да се биде ништо?! Вреди ли бе луѓе?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...