Александар Василевски Нинџа во неговото денешното шокантно сведочење посочи дека во 2015 година бил ангажиран од УБК, конкретно од началникот на Петтата управа Горан Грујевски кога Зоран Заев почнал да ги објавува бомбите.
– Моите задачи од мојот тогашен началник Грујевски, бидејќи бев лично од него ангажиран, беа да собирам информации од таргети кои ќе ми ги даде тој и да го известувам лично него – рече Нинџа.
Тој на прашања на обвинителката Вилма Русковска рече дека меѓу таргетите кои биле следени бил и Зоран Заев, кој меѓу другото го следеле како оди на средби кај Зоран Верушевски. Таргет бил и Верушевски.
– За време на техничката влада Оливер Спасовски како министер беше следен од Петтата управа. Беше следен додека беше министер. За тоа постои документација. На едно следење и јас присуствував. Тоа е неговото движење од Скопје кон Куманово – рече Нинџа.
Обвинетиот кажа дека во тој период, како што знае тој, бил следен и тогашен новинар на кого дури и додека тој не бил дома, одлучиле, влегле и му поставиле камери.
Кога станува збор за тоа што се случувало на критичниот ден – 27 април, Нинџа во неговиот исказ пред судот директно со име и презиме посочи лица вклучени во координацијата на настаните од критичниот ден наведувајќи дека „На 8. кат во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ се координираше 27 април“.