Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот на СЈО „Тенк“ кој се однесува на набавката на блиндираниот мерцедес. За денешното рочиште судијката Добрила Кацарска им порача на обвинителите од СЈО и на адвокатите на обвинетите да ги подготват завршните зборови. Пред завршните зборови, одбраната треба да се произнесе за неколкуте дополнителни докази кои ги прибавиле од СЈО.
Ако на ова рочиште странките завршат со изнесување на завршните зборови на наредното судијката треба да ја соопшти и пресудата, што ќе биде прва за случај во кој е обвинет поранешниот премиер Никола Груевски.
На минатото рочиште, своја усна одбрана, со одговарање на прашања на адвокатите, обвинителите и судијката, требаше да дадат Груевски и другиот обвинет, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Меѓутоа, тие се откажаа од таквата можност.
– Сакам да го изнесам мојот став дека по изведувањето на доказите на Обвинителството и на одбраната, произлегува дека не сум го сторил делото за кое сум обвинет. Сите изнесени докази и од страна на Обвинителството и од наша страна го покажаа тоа. Согласно поуката која ја дадовте на почеток на судскиот процес дека не сум должен да ја изнесувам својата одбрана, ценам дека нема потреба да го правам тоа – рече Груевски.
Тој во предметот е обвинет за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание, додека Поповски за злоупотреба на службената положба и овластувања.
За истото дело како Поповски обвинета е и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, меѓутоа судската постапка за неа беше раздвоена поради ризична бременост.