МВР три дена молчи и не одговара што бара нивно службено возило во кампот Евридики во соседна Грција? Кој издал налог и што барал полициски службеник со службен џип во кампот? Кого превезувал во џипот, и чии се кесите од „Лидл“ кои што се гледаат во багажниот простор?
Овие прашања ги постави денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
– Срамно е МВР да не знае три дена што се случувало со службеното возило и преку соопштенија да ја манипулира јавноста. Дали сакаат да нѐ убедат дека службената делегација на МВР предводена од ќерка на висок функционер и нејзини другарки со службен возач била испратена во кампот Евридики да полагаат свежо цвеќе за Илинден? – вели Стоилковски.
Тој вели дека постојат само три вакви џипа во МВР и точно се знае кој ги должи. Џиповите се дел од поголема донација на Европската унија и требало да бидат наменети за граничната полиција и поефикасно справување со илегалната миграција.
– Тука се поставува прашањето, кога СДСМ и нивните функционери вака се однесуваат со донациите на ЕУ за кои што нашите меѓународни партнери водат сметка како се употребуваат, што ли прават со парите на граѓаните. Ова не е ништо друго, туку бескрупулозна злоупотреба на државните ресурси за задоволување на хедонистичките потреби на функционерите на СДСМ и на нивните семејства – нагласува Стоилковски.
Според него, Единствената Европа за која зборува власта завршува на грчките плажи.
– „Башибозукот“ е дојден до таму што службени полициски џипови се користат за транспорт на семејства на високи функционери до грчките плажи. Откако скандалот на МВР – ТУРС одекна во јавноста, а се споменува семејството на директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, МВР – ТУРС се обидува да го засени со оправдувања дека возилото било управувано од службено лице со налог – рече Стоилковски и повика на одговорност.
– Вакво расипништво е недозволиво. Се злоупотребува сѐ – од хеликоптери до полициски џипови само за задоволување на нараснатото его и ненаситните апетити – додаде тој.