Единствената промена која ја направија е промената на името, најболната промена. Македонија е прекрасно име, во женски род е, не и треба придавка. Пред вас стои токму жена, затоа што на Македонија и треба жена. На татковината и треба жена, порача Гордана Силјановска Давкова на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во Скопје.
Таа кажа дека жените ќе бидат доминатни во нејзиниот кабинет, а дека се надева оти ќе биде претседателка во чие време за првпат ќе има и жена генерал во Македонија.
– Тоа е фантастична шанса за прекрасните македонски мажи да докажат дека поддржуваат успешни жени. Така новите генерации ќе може да споредуваат што е разликата во владеењето оти ние не сме имале можност да ги покажеме своите способности. со мене ќе ги имате тие можностипрекрасна шанса за фантастичките македонски мажи да докажат дека поддржуваат успешни жени – рече кандидатката.
Таа говорот го започна изнесувајќи низа критики за извршната власт.
– Дали е живот да бидете во врвот на најзагадените земји, дали е живот секој ден по еден лекар да си заминува од Македонија, дали е живот земјоделците за еден денар да ги продадат најубавите јаболка на светот, дали е живот сите да мислат да си заминат. Да тоа е нивниот живот, ама тоа што за нив е живот за нас е закана по нашиот живот. Доаѓа денот кога на гласачките кутии ќе го чујат народниот глас, а тоа ќе биде „не“ за нив, „да“ за нас – рече Силјановска.
Таа ги повика граѓаните да гласаат за неа на 21 април и 5 мај, не заради неа бидејќи, рече, таа е реализирана жена, туку заради Македонија и демократијата.
– Не смееме да им оставиме простор за повторно парламентарни игри зошто ако нема цензус од 40 проценти ќе си го сменат Уставот, за нив постапката не е ништо тешко, не ја почитуваат и ќе си решат претседателот да се бира во Собранието. Погодете тогаш како ќе се бира претседателот, со пазар, сега нашиот, утре вашиот. Погодете тогаш кој ќе биде претседател? Сега власта што сега е кај претседателот ќе биде кај нив – рече кандидатката за претседател.
Таа ја критикуваше и дипломатијата потсетувајќи колку испразнети дипломатски места има во моментов, како и разузнавачките и безбедносните служби.
За неа рече дека најголема безбедносна закана е еколошката. Во Собранието, пак, повтори таа, ќе се обраќа колку што има потреба.
– Гледајќи ве овде во олкав број, јас ветувам дека пред Собранието ќе се обраќам ако треба 12 и повеќе пати годишно адресирајќи ги вашите проблеми, проблемите на здравството, на лицата со посебни потреби, на децата, на земјоделците, на сите ранливи категории. Се надевам дека ќе допре гласот до нив и дека не само законски туку и вистински ќе посегнат по промени. Ако не го сторат тоа во следните месеци, се знае кој ќе го направи, реформаторите. Оние кои се подготвуваат со измена за статут, стратегија. Тие имаат план за излез од кризата во која сме потонати – рече Силјановска.