По текстот под наслов „Е мој Саша, где је сада љубав наша“, Плусинфо доби одговор на дел од поставените прашања од засегнатиот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ. Неговиот одговор, упатен до раководителот на проектот Бранко Героски, го објавуваме во целина, заедно со приложените видеа:
„Почитуван господине Геровски,
Го читав Вашиот пост и објавата во Плусинфо и се чуствувам повикан да Ви одговорам на поставените прашања и дилеми кои сметам дека неосновано се отвораат во јавноста.
Јасно и недвосмислено ги поддржувам евроинтеграциите на Македонија и
оттука натаму паѓаат во вода било какви обиди за конструкции.
Што се однесува до вашите прашања ќе појаснам:
1. Не сум светски лидер, а на парадата во Белград планирав да одам со мојот татко, кој е потполковник во пензија. Не е прв пат да одам на воени паради и изложби затоа што ме интересирало. Скоро секогаш одам на изложба на денот на Армијата на Република Македонија и тоа најчесто повторни со татко ми, кој е воен пензионер и помалиот брат, кој доброволно служеше во АРМ, во Велес. Воедно ќе си ја искористам приликата да си ги посетам роднините во Србија. На парадата ќе присуствуваат и државници од други држави, но јас одам приватно и не одам на ничија покана. Посетата нема врска со политика.
2. Што се однесува до вториот дел (прашања околу ангажманот на Богдановиќ во кампањата – н.з.), во прилог Ви испраќам два спота од камапањата коишто доволно кажуваат, впрочем јавно ја поддржав затоа што верувам дека тоа е патот.
3. Точно е дека не бев присутен на средбата (со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг – з.н.), но од оправдани причини, размислете пошироко. Но, бев присутен на сите останати манифестации од кампањата каде што имав и агенда.
4. Прв пат бев во Москва заедно уште со седум другари но, туристички. Исто како што сум бил во Берлин, Белград, Истанбул, Солун, Загреб итн. Парадата е затворена и не можете да присуствувате, тоа не ви е точна информација.
На крајот, јас никаде не сум отишол тајно. Во општина Центар се наоѓаат скоро сите амбасади и редовно имам контакт со сите. Со американската, руската, италијанската, шпанската, шведската, кинеската, бугарската итн. Со сите нив сме разговарале за разни идеи и проекти. Од реализации на донации, изучување на странски јазици, обнова на училишта и градинки итн.“
Плусинфо му благодари на градоначалникот Богдановиќ што одговори на јавно поставените прашања. Да резимираме. Прво, тој ги отфрла сомневањата во врска со неговиот недоволен ангажман во кампањата за референдумот. Второ, потврдува дека бил во Москва (но не и на парадата). Трето, потврдува дека не бил на средбата со Столтенберг, од причини поради кои треба да се размисли „пошироко“. И четврто, потврдува дека има намера да присуствува на воената парада во Белград на 11 ноември, каде што главна ѕвезда ќе биде Путин, но ќе присуствува приватно (со татко му) и не на политичка покана.
И покрај уверувањето на Богдановиќ дека нашата добронамерна грижа е непотребна, ние сепак би сакале да нагласиме дека нашиот градоначалник е и политички претставник на граѓаните на општина Центар и дека не е лесно да го одвои своето лично својство од својата значајна политичка функција. Затоа, не спорејќи за неговите лични афинитети и приватни потреби и планови, ние сепак би сакале од СДСМ, од премиерот Зоран Заев, како и од посочените министри Никола Димитров и Радмила Шеќеринска, да слушнеме одговори на следниве прашања:
Прво, дали се задоволни од ангажманот на градоначалникот Богдановиќ во кампањата за референдумот?
Второ, дали го оправдуваат неприсуството на градоначалникот на Центар на средбата со Столтенберг и во која насока треба да размислиме „пошироко“, за да ги разбереме неговите „оправдани причини“? Ние размисливме и не успеавме ништо паметно да смислиме. Но, бидејќи Богдановиќ вели дека за сѐ разговара со партиското раководство, а ние бездруго му веруваме, ве молиме вие да ни ги објасните тие причини.
Трето, дали е соодветно тоа што во еден ваков чувствителен период, градоначалникот на скопската општина Центар бил во Москва за време на одржување на воената парада, макар и како приватно лице и не како гостин на настанот?
Четврто, дали во време кога на долго и на широко се зборува за влијанието на руската пропаганда во Македонија, против нашите аспирации за НАТО и ЕУ, е соодветно градоначалникот Богдановиќ да присуствува на воената парада на 11 ноември во Белград, макар и како придружник на својот татко и како љубител на паради, иако без политичка покана?
(Мало појаснување за г-н Богдановиќ: тоа за двајцата значајни светски лидери што ќе присуствуваат на парадата во Белград, Путин и тој, беше само мала шега, за која се надевавме дека ќе биде разбрана.)