Нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Триста“ и „Тарифа“ денеска треба да се одржат во Кривичниот суд.
Во „Триста“ обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила.
Поповски се сомничи дека го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.
На обвинителна клупа во Судот денеска ќе седнат и Дејан Бошковски, поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ и уште други две лица – обвинети во случајот на СЈО „Тарифа“.
Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“.
Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.