Улицата Јордан Мијалков, која со недели беше раскопана и остана со дупки, поради што го отежнува сообраќајот и движењето на пешаците, ќе биде вратена во затекнатата состојба, велат од Лимак ДОО Скопје, кој е надлежен да ја врати во првобитна состојба.
– Подизведувачот, ангажиран од Лимак, досега тоа не го направи, бидејќи чекаше погодни временски услови, односно местото да биде суво, за да може да се работи. Секако ова е во план и ќе биде завршено – велат од Лимак.
Неасфалтирана, нерамна, со длабоки дупки, оваа улица го отежнува и го забавува движењето на возилата, а додека чекаат да поминат, граѓаните се задушуваат во прашина.
Иако од синоќа почна да вее по малку снег во Скопје, сепак, во претходниот период времето беше суво и стабилно, а градежните работи целосно запреа оставајќи отворена дупка, која дури по неколку дена беше затворена со црвена пластична ограда.
Семафорите на овој пешачки премин исто така не се вратени во функција.
– Улицата со недели беше раскопана на барање на инвеститорот, градежната компанија Лимак ДОО – Скопје, заради дислокација на дел од дистрибутивната мрежа на топлина. Балкан енерџи, како оператор со дистрибутивната мрежа за централно греење, издаде соодветно решение со кое одобри дислокација на дел од дистрибутивната мрежа и склучи договор за дислокација со барателот. Согласно решението за дислокација, Град Скопје издаде дозвола за градба на улицата за потребите на инвеститорот – рекоа од Балкан енерџи.
Како и да е, ако се потпира на временските услови, инвеститорот може да го фати и пролет додека ја врати улицата во првобитна состојба. А дотогаш само прашина ќе се крева и колони од возила ќе ги нервираат и возачите и пешаците.