Под притисок на директорот, разрешена Бранка Костиќ Марковиќ од УО на Македонска филхармонија

Во својата реакција, Бранка Костич Марковиќ ги опишува состојбите во Македонска филхармонија и тврди дека министерот требало да го разреши директорот поради незаконско работење, а не на негово барање да го разреши претседателот на Управниот одбор.

6710

Без образложение и само со барање на директорот на Македонска филхармонија, Виктор Илиевски, министерот за култура, Асаф Адеми, пред четири дена ја разрешил Бранка Костиќ Марковиќ од местото Претседател на Управен одбор на Македонска филхармонија.

Костиќ Марковиќ, пак, во својата реакција што јавно ја обелодени, вели дека не го прекршила законот во работењето.

– Одговорно тврдам дека ниту сум работела против закон, ниту институцијата била некогаш блокирана. Напротив, уредно ги извршував своите пропишани обврски и членот 22 од Деловникот не можел да биде активиран по ниту една основа – вели Костиќ Марковиќ.

Таа, како што вели, е изненадена од случувањата, но во своето објаснување на состојбите во Македонска филхармонија, тврди дека министерот требало да го разреши директорот поради незаконското работење, нааместо претседателот на Управниот одбор. Во своето образложение, таа додава дека директорот, според Деловникот на работа на Управниот одбор, не може да разрешува членови на ова тело. Тоа може да се случи само во обратен редослед. Управнот одбор може да го разреши директорот.

Костиќ Марковиќ потврдува дека вчера писмено била информирана дека е разрешена од претседателското место во Управниот одбор на Филхармонија на предлог на директорот и со акт на министерот Адеми.

Ја пренесуваме нејзината реакција во целост:

Во ковертот беше решението коешто го испратило Министерството за култура на Р. Македонија до НУ Македонска филхармонија на ден 19.11.2018, а архивирано на 20.11. 2018. Во него пишува дека сум разрешена од страна на министерот за култура, господинот Асаф Адеми и накусо стои дека сум разрешена „на предлог на директорот“ на Македонската филхармонија, господинот Виктор Илиески. Тоа е единственото образложение.

Интересно е што во Деловникот за работа на Управниот одбор, односно во актуелниот Закон за култура, никаде не се споменува таквата можност, напротив, токму спротивното – директорот може да биде разрешен врз основа на предлог на Управниот одбор (член 21, став 8 од Деловникот, односно член 35, став 8 од Законот за култура). Претседателот и членовите на Управниот одбор можат да бидат разрешени единствено доколку работат спротивно законот или доколку не функционира самата установа. Врз ова се базираат причините на ова, во најмала рака, чудно и целосно необразложено решение. Досега претседателот на Управниот одбор не бил опоменат за неправилно водење на Управниот одбор, попречување на работата на институцијата и не му било посочено кршење на законските процедури, односно работење спротивно на законот, ниту од претходниот министер Алаѓозовски, ниту од актуелниот Адеми.

Сосема е точно дека има проблем во односите на Управниот одбор и директорот заради непочитување на законот и игнорирање на ингеренциите на телото Управен одбор, но од страна на директорот, а не од страна на претседателот и членовите на Управниот одбор. За тоа се известени (неколку пати) соодветните инстанци (Министерството за култура и самиот министер Асаф Адеми), при што на вториот заеднички состанок со директорот на Македонската филхармонија, Илиески (а на барање на министерот), јасно му е укажано дека во иднина не смее да ги прекршува процедурите регулирани со Деловникот и Законот и ќе мора да ги почитува мислењата и барањата на претседателот и членовите на Управниот одбор, во домените кои се во негова надлежност (Управниот одбор, меѓу другото се грижи токму и за законитоста на постапките на управата на Македонската филхармонија и ги штити интересите на Министерството за култура од кадешто е и назначен).

Но, тој, наместо да ги усвои советите на министерот, да се уважуваат забелешките на неговото работење, да ги доставува бараните материјали до ова тело и да ги уважува забелешките на претседателот и членовите за новата систематизација и документот да биде доведен во форма за гласање (за да не пропаднат веќе добиените согласности за новите работни места добиени од претходниот министер), тој почнува да врши притисоци врз претседателот на Управниот одбор за брзо изгласување на систематизацијата, без довршување на цели делови во содржината на истата (опис и попис на работните задачи на некои систематизирани места, отсуство на еднакви правила за вработување во оркестарот, односно немање на исти услови полагање на аудиции во сите групи инструменти) и без консултирање на водачите на групи во оркестарот (Врз основа на барањето на член на Управниот одбор, претседателот ја ставил ваквата потреба од консултирање на членовите на оркестарот по прашање на нивните работни места во систематизацијата.

Одлуката е едногласно изгласана и е побарано систематизацијата да им биде испратена на оркестрантите, а водачите на групи веќе на идната седница лично да ги достават мислењата на оркестарот). Во екот на интензивните седници на Управниот одбор, а непосредно пред седницата на којашто беа поканети претставниците од оркестарот, директорот решава да го опструира состанокот со неодобрено (за користење на одмор според деловникот, одобрението со потпишување решение го дава претседателот на УО) заминување на четиридневен приватен одмор во Казахстан (набрзо после гостувањето на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во таа земја, што фрли дополнителен сомнеж за злоупотреба на позицијата Директор на јавна установа во приватна корист).

Едноставно, проблемите започнаа да ескалираат откако јас како претседател и некои од членовите на Управниот одбор почнавме да го афирмираме нашето несогласување со огромните промени (притоа внесени со видни недостатоци) во новиот документ на систематизацијата (кои дојдоа до невидени структурни промени на целиот органограм на институцијата во последната, четврта верзија на текстот). Имено, во кус временски период, директорот Илиески, на Управниот одбор му испраќаше на разгледување дури четири изменети верзии на новата систематизација, без известување за превземените акции „на своја рака“ во поглед на отстапувањата од претходно донесениот список (заеднички на Управниот одбор и директорот) за нови вработувања во Македонската филхармонија, со акцент ставен врз реалните потреби на основната дејност на институцијата – приоритетните вработувања во оркестарот и во техничкиот дел којшто го наложи преселбата во новиот објект.

Во овој период, јас како претседател бев изложена на силни притисоци од директорот за брзо беспоговорно гласање на неговата верзија на систематизацијата, но и од страна на структури надвор од институцијата, проследени со клеветења за кочење на процесот, работење против интересот на институцијата (а токму јас инсистирав на работа во полза на основната дејност на институцијата – музичарите и нивната концертна дејност) и лични навреди, валкање на мојот углед со ширење на дезинформации за суштината на проблемите, а тие не беа поврзани единствено со донесувањето на новата систематизација. Директор никогаш не му објасни на Управниот одбор (иако сите биле согласни дека тесната сцена во големата сала на Филхармонијата ќе ја отежнува реализацијата на поголеми оркестарски дела, а тоа никогаш не го негирал ниту Управниот одбор),  се решил да превземе незаконски дејства за своеволно проширување на бина во објект во владение на Владата на Р. Македонија (за што постои доказ дека не е обезбедена соодветна документација од надлежните институции за вакви зафати – елаборат, безбедности дозволи…), а нема ниту одлука од Управниот одбор, што според законот мора да ги има. Ако кон ова ги придружиме и редовните легитимни барања од Управниот одбор за увид во известување и барања за потребни одлуки за сите тековни настани во објектот на Македонската филхармонија (инцидентните концерти во камерната сала на Филхармонијата, многубројните комерцијални концерти, класични концерти вон редовната програма на оркестарот, разни прослави и конференции врз база на изнајмен простор од страна на надворешни лица и сл.).

Просторот е мал за да бидат наведени сите случаи на самоволно одлучување на директорот, но се надевам дека за тоа сведочат бројните записници во архивата на институцијата, а секако и целата електронска комуникација на претседателот, Управниот одбор и директорот за време на мојот мандат. Но, од постапката за моето разрешување е очигледно дека не е важно уредното почитување законските регулативи, туку добриот „грб“ обезбеден од највисоко. Очигледно, тоа е доволна причина за кршење на законот и разрешување на претседател на Управен одбор врз едноставно барање на директор.

Одговорно тврдам дека ниту сум работела против закон, ниту институцијата била некогаш блокирана. Напротив, уредно ги извршував своите пропишани обврски и членот 22 од Деловникот не можел да биде активиран по ниту една основа. А тој е активиран со потпис на министерот од министерството кое ме назначило токму за да ги штитам неговите интереси и да го штитам од евентуалните штети предизвикани од незаконско работење на управата. Згора на тоа, пред и да го добијам решението за моја смена (пристигна вчера, 23.11.2018 преку поштар до мојот дом), имам сознанија дека овие денови веднаш е одржана итна седница со нов претседател и е вратена на почеток веќе започнатата процедура на расправа и гласање на поедини делови од новата систематизација, па дури и дека експресно се пуштени огласи за вработувања (да подвлечам дека едногласно е негативно гласано против систематизирано место – пијанист,  а беше едногласно отфрлен и еден од двата систематизирани извршители за местото харфа на последната седница со којашто претседавав јас на 15.11.2018). Вчера, откако го примив решението, побарав итно да ми бидат доставени на потпис записниците од последните седници со коишто претседавав коишто уредно ги испратив до архивата на Македонската филхармонија, но се уште ги очекувам на потпис.

На крајот, не можм да кријам дека сум изненадена од леснотијата на донесување на одлуки без покритие и дека лично жалам, не заради одзементата функција, туку заради газењето на шансата работите во културата во земјава да тргнат во европски правец. Со ваквите потези, се затвора можноста новиот репрезентативен објект на  Македонската филхармонија (кој, да бидеме искрени не е успех на сегашниот директор Илиески кој не престанува да си припишува историски успеси во едногодишното директорување со институција којашто ужива висок углед од над седум децении) да стане вистински храм на уметноста со создавање на услови за вистински растеж на угледниот оркестар во уште подобар ансамбл од светски формат и квалитет. Но, во атмосфера кога клиентелизмот, притисоците и заканите, самоволието и разработениот систем на врски и познанства, ја има предноста пред професионализмот, совесното работење и прадата, не може ништо друго да се очекува освен разрешување на оној којшто не се вклопува во девастираниот систем.  Во оваа прилика им се заблагодарувам на колегите од Управниот одбор коишто работеа одговорно и ја сфатија сериозноста на својата должност, а притоа не им потклекнаа на притисоците, а посебно им благодарам на колегите музичари во оркестарот на Македонската филхармонија коишто имаа доблест да ми ги пренесуваат своите проблеми, како и сите останати коишто работат во земјава, што ми ја даваа континуираната поддршка при извршувањето на функцијата претседател и ме храбреа да останам доследна на професионалните принципи. Без разлика на моето разрешување, јас се гордеам на личниот влог во Македонската филхармонија за време на едногодишниот мандат (без да ја потенцирам претходната над дведецениска посветеност на овој оркестар како музички новинар) и ветувам дека и натаму останувам да работам во служба на уметноста и уметниците и никогаш нема да отстапам од борбата за враќање на вистинските вредности во културата. Во моментов е изгледа полесно да се уништи маса добри луѓе, а да се заштити еден партиски кадар и без оглед на тоа што сум свесна за можните обиди за лични дисквалификации и продуцирање невистини (зашто тоа се најчестите постапки во отсуство на валидни аргументи и во минатиот период) коишто ќе следат после ова мое обраќање, јас сепак одлучив преку овој одговор до вас, да и ја соопштам мојата смена на целокупната јавност со образложување на состојбите.

Не сакам, а и не е моја работа да претпоставувам кој стои зад моето разрешување. Мојата должност како општествено одговорна личност е да ја информирам јавноста за смената и хронологијата на настаните коишто и претходеа. Има механизми како се проверува фактичката состојба, ако за тоа има воља кај тие што треба да ја спроведат. Мојата работа е документирана, а за среќа и работата на раководните структури во институциите – Македонската филхармонија, Министерството за култура, Владата на Република Македонија – пишува Бранка Костиќ-Марковиќ, магистер по музички науки и поранешен претседател на УО на Македонската филхармонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...