Османи им се закани на медиумите со тужби поради вести за скандалот со пензискиот фонд

2546

Вицепремиерот од редовите на ДУИ, Бујар Османи, на денешната прес-конференција им порача на медиумите дека ќе добијат тужби ако вчера ја поврзувале неговата политичка партија со скандалот со пензискиот фонд, а изјавата на министерката Мила Царовска ја нарече „несреќна“.

– Во однос на вчерашната фама и спектакуларни наслови за злоупотреба на 19 милиони евра од пензискиот фонд, морам тука да кажам дека вчера имаше несреќна изјава на министерката Мила Царовска која отвори можност за спектакуларни шпекулации по однос на тоа што се случило во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, за некаква можност на злоупотреба. Вчера верификувавме и со Министерството и со Фондот дека апсолутно не се работи за злоупотреба на ниту еден денар од средствата на пензионерите или од Фондот, туку парите не биле префрлени во ниту еден столб дел поради административни пречки, дел поради недоволен буџет заради тогашната одлука на Владата да се намалат придонесите. Меѓутоа, апсолутно не станува збор за злоупотреба на ниту еден денар и побарав и од министерката и од Фондот денеска да излезат и да објаснат пред граѓаните и верувам дека тоа го направија и разјаснија дека тоа е „фејк њуз“. Сепак поради штетата што е направена во име на ДУИ најавувам дека за сите и политичари и медиуми кои го инволвираа вчера ДУИ во оваа лажна вест дека доколку не се извинат во наредните 24 часа ќе мора да покренеме правна постапка со цел да ја докажеме вистината – порача Османи.

Тој потоа на други новинарски прашања објаснуваше што е лажна вест во случајот.

– „Фејк њуз“ не е информацијата од министерството, туку информациите дека имало злоупотреба, дека биле украдени пари и имаше опозициони лидери кои вчера излегоа дека била финансирана капања со тие пари или имаше и медиуми кои го инволвираа ДУИ. Ние за да ја докажеме вистината планираме да покренеме правна постапка за сите кои нема да се извинат за неправилното имплицирање на ДУИ во една таква вест – повторно повтори вицепремиерот.

„Што тогаш испитува обвинителството, ако немало злоупотреба?“, прашаа новинарите.

– И министерството и Фондот излегоа со објаснување дека не фали ниту еден денар од Фондот туку парите не биле префрлени затоа што требало да се исплатат како пензии, тоа е недостаток на пари. Тие пари се префрлени како пензии на граѓаните. Значи не се злоупотребени. И тоа е „фејк њуз“, кога имплицирате политичка партија или луѓе без докази и затоа мораме да го заштитиме угледот и честа на партијата и мора да бараме извинување од сите кои вчера во своите наслови го имплицираа ДУИ или од партиите кои направија такви обвинувања – рече Османи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...