Османи веќе го расчистил „Пациенти“, очекува и СЈО да каже дека сѐ е чисто ВИДЕО

И покрај тоа што СЈО го сомничи него, тој рече дека улогата на ова обвинителство е од исклучителна важност за остварување на принципите на владеење на правото и без разлика на настаната ситуација неговата поддршка и охрабрување за оваа институција остануваат непроменети.

1463

Случајот „Пациенти“ на Специјалното јавно обвинителсто (СЈО), во кој е осомничен вицепремиерот Бујар Османи, за него веќе е расчистен и тој очекува наскоро и од СЈО да кажат дека нема основа да се покрене обвинение. Оставка, кажа тој, нема да поднесе туку ќе продолжи со уште поголем жар да се бори за владеење на правото.

– Очекував и во предистражната постапка да бидам повикан во СЈО и да ги претставам фактите со кои располагам, секако по можност пред моето име да биде пласирано во истрагата. Меѓутоа тоа што е, е. Истрагата е отворена, а јас во изминатите денови собрав голем дел од документацијата преку која сметам дека се расчистува фактичката ситуација. Јасно се гледа дека нема ниту индиции кои укажуваат на некакво незаконско работење. Напротив, јасно се гледа дека одлуките се донесени законски и во интерес на сите граѓани. Сакам да ве известам дека целата оваа документација утринава е предадена по мое барање во СЈО а во наредниот период дополнително ќе бидат доставени останатите потребни и побарани документи. Што се однесува до мене овој случај е расчистен и набргу очекувам да биде и завршен – рече Османи на попладневната прес-конференција во Вадата.

Кога ја предал документацијата, како што рече, претставници на СЈО го увериле дека добиените материјали претставуваат пресвртница и значаен инпут во истрагата. Оставка нема да поднесе.

– Да бев убеден дека има тронка грешка или девијација во законите во моето работење во Министерството за здравство кога се спроведени стотици проекти кои сега сѐ уште ги уживаат сите, се разбира дека не би стоел тука пред вас гордо. Ќе продолжам со сиот жар да работам повеќе во имплементација на владеење на правото. убеден сум дека посебно денеска со доставените документи со кои се завршува истрагата нема ниедна запирка и грешка во постапката којашто е наведена – одговори Османи прашан дали ќе си поднесе оставка.

И покрај тоа што СЈО го сомничи него, тој рече дека улогата на ова обвинителство е од исклучителна важност за остварување на принципите на владеење на правото и без разлика на настаната ситуација неговата поддршка и охрабрување за оваа институција остануваат непроменети.

– Напротив, од денес уште повеќе верувам во нивната професионалност и неутралност – рече вицепремиерот.

Тој побара и да се почитува презумцијата на невиност велејќи дека принципот на владеење на правто останува празен и безполезен доколку не се почитува принципот на презумнција на невиност, пред сѐ, во предистражните и истражните фази како оваа.

Османи повтори дека шпекулации за овој случај имало и претходно со цел да му се оцрни политичката кариера, па затоа свесен за политичкиот ризик тој лично во повеќе наврати барал СЈО да отвори истрага и целосно да го расчисти случајот затоа што е сигурен во чесноста на своите постапки и не сака шпекулациите да доминираат во јавниот дискурс.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...