Обвинет за 27 април: Ја извадив фантомката, се прекрстив и со десна нога влегов во Собрание

3224
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

По неколку часа раскажување за својот живот, обвинетиот Влатко Трајковски во неговиот исказ стигна и до тоа што се случувало на 27 април.

Што тој раскажа за настаните кои му претходеле на 27 април можете да прочитате ТУКА.

Пред судот рече дека дента на 27 април кога се вратил од работа татко му му рекол дека го барале некои луѓе, но тој останал дома, пиел кафе и ракија.

– Во 16.25 и реков на сопругата дека ќе одам во селото до дуќанот за риболовна опрема. Отидов, побарав тоа што ми требаше и се упатив кон Рампа во друг дуќан таму – раскажуваше Трајковски.

Околу 17.20 часот си рекол дека кога веќе е таму да „тркне да види што се случува кај Собрание”. Кога стигнал видел дека се собира народ, седнал на клупа, пушел цигара и отишол да си купи сендвич.

Го сретнал другар додека го јадел сендвичот на плоштад и го викнал да оди со него. Со другар му имало уште неколку лица за кои му рекол дека се од навивачката група Комити и се упатиле кон кејот на Вардар во центарот на Скопје. Кај ресторанот „Дион“ другите што биле со него се поздравиле со некого и тој од култура се поздравил. Другарот му рекол да седнат во „Дион“, но тој не сакал да седнат и стоеле надвор.

– Во еден момент се виде немир кај присутните во ресторанот. По некое време другар ми се оддалечи и оти накај „Дион“ и кога се врати ми рече дека во Собранието се пее албанската химна. Не изреагирав, само размислив, според тоа што ми го кажаа од прртходната вечер, дека е смислен план. Инаку како би знаел дека нешто наредниот ден ќе се случи во Собрание? – сведочеше обвинетиот.

Потоа тој раскажа, другарот му рекол дека ќе се влегува во Собрание. Се собрал народ и се упатиле кон законодавниот дом.

– Не ги познавав луѓето. Успеав да видам двајца што носеа фантомка. Си реков можеби тоа се луѓето кои човекот претходната вечер ми ги објаснуваше дека секој ќе има некоја задача таму. Со доаѓањето пред Собрание ја видов мајка ми, татко ми, зет ми, сестра ми, само жена ми не, зошто била задолжена да чува деца – рече Трајковски.

За да не го види мајка му се повлекол на аголот од зградата од Собранието. Другарот дошол му дал фантомка, тој ја ставил на глава, мајка му поминала покрај него и не го препознала.Тој негираше дека бил во групата што ја турка оградата туку кога стигнал пред Собрание, рече, вратите веќе биле отворени.

– Знаејќи дека секое прекривање на идентитетот со фантомка во законодавниот дом е кривично дело ја извадив фантомката и ја ставив во левиот џебот, по христијански обичај со десната нога влегов и се прекрстив зошто не знаев што ќе се случи – раскажа Трајковски.

Прво завршил во пленарната сала каде меѓу другото се качил на фотелја и ја пеел со другите песната „А бре Македонче”.

Таму, според неговиот исказ, некој полицаец му рекол да пази на една од вратите, никој да не излегува оттаму зашто горе се наоѓал Зоран Заев. Намерно или не, рече Трајковски, полицаецот ми кажа каде е Заев.

Додека бил уште на првиот кат, на полицаец, рече тој, му дал вода, а и го прашал каде канцеларијата на Трајко Вељановски.

– Ми објасни „само продолжи по скалите и ќе стигнеш до канцеларијата”. Се качив, ја видов вратата ама видов и луѓе пред неа. Си реков сигурно нема да ме пуштат да влезам ќе мора нешто да смислам за да влезам. Кога се доближив до врата имаше едно девојче, после разбрав дека е обвинетата Елена. Таа ми рече дека не можам да влезам таму зошто тоа е канцеларијата на Вељановски. Ѝ реков дека немам ништо против него, туку дека сакам да влезам да ја видам канцеларијата и да видам кај ми одат моите пари – раскажуваше Трајковски.

Влегол внатре, кажа што видел и дека од едната врата ја видел канцеларијата.

– Сѐ беше дрвено, убава канцеларија – рече обвинетиот.

Таму дошле три машки лица кои му рекле дека не смее да биде и да се задржува таму. На еден од нив дури му побарал и вода. Кога излегол од канцеларијата рече дека продолжил во правец каде се движи народот и завршил кај прес салата.

Трајковски зборуваше и како помогнал на пратеничка да се спаси, а кажа и за неговиот судир со пратеник по име Сашко Костов кој му се обратил со зборовите „хулигани, вака ли се освојува власт”.

Трајковски се налутил и навредил, па отишол да го земе ПП апаратот се вратил и почнал да прска по пратеникот, но не и по новинарите. Тој негираше дека го удрил со апаратот пратеникот како што тој изјавувал. Пратеникот, според обвинетиот глумел дека се онесвестил за да не го претепаат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...