Нинџа: Имам 115 аудио снимки да го поткрепат мојот исказ, да ги слушаме без јавноста

4082
ФОТО: МИА

Обвинетиот за 27 април, Александар Василевски Нинџа како дополнителни докази предлага 115 аудио снимки и 20 фотографии за кои тврди дека ќе го поткрепат неговиот исказ.

– За поткрепа на мојот исказ при моето предавање на судија на претходна постапка до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција доставив листа на докази од кои и УСБ со 115 аудио снимки и фотографии. Барам обвинителството да ги достави до судот и да се дозволи да бидат изведени, по можност со исклучок на јавноста – рече Нинџа.

Обвинителката Ивана Трајчевска рече дека не е запознаена дали се доставени и дали се наоѓаат во обвинителството, но ако биле доставени во истражната постапка, обвинетиот имал можност истите да ги предложи по поднесување на обвинителниот акт.

Судијката Добрила Кацарска рече дека Советот во овој момент не може да се произнесе и ѝ посочи на обвинителката веднаш да се провери дали тие докази се кај нив и да ги достави во судот за да може Судечкиот совет да се произнесе дали ќе ги прифати или не.

Покрај Нинџа, со дополнителни докази излегоа уште неколкумина од обвинетите.

Од пратениците единствен кој предложи докази беше Крсто Мукоски. Неговите докази се стенографски записници од неколку продолженија на конститутивната седница на Собранието.

Митко Чавков и Душко Лазаров, пак, како дополнителни докази имаат класифицирани документи од МВР.

Кацарска денеска најави дека од Министерството за внатрешни работи најверојатно ќе дозволат декласификација, па на наредното рочиште ќе се изведуваат нивните докази.

Еден класифициран документ од Агенцијата за разузнавање предложи и Мунир Пепиќ, но оттаму најверојатно нема да го декласифицираат.

Актерот Владо Јовановски, пак, како доказ предлага казна за сообраќаен прекршок и мандатен налог од 27 април.

Обвинетиот Влатко Трајковски побара како дополнителен доказ за него да се изведе невропсихијатриското вештачење, за да покаже дека имал психичко растројство кое потекнува уште од 2001 година кога тој учествувал во воениот конфликт.

Обвинителката Трајчевска се противеше за овие докази велејќи дека не станува збор за докази кои се стекнати во текот на постапката, односно тие биле познати и претходно и одбраната можела да ги предложи уште во истражната постапка или кога беше поднесен обвинителниот акт.

Дали ќе бидат прифатени доказите на Јовановски и Трајковски дополнително ќе се произнесе судот.

Следното рочиште Кацарска го закажа за 20 декември.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...