Мицкоски повика на мирни протести: ВМРО – ДПМНЕ нема да даде легитимитет на насилното менување на името

397

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ пред Собранието каде што денеска во 16 часот се очекува да продолжи финалната фаза од уставните измени според договорот со Грција, повика на мирни протести против, како што рече, насилно менување на уставното име на државата.

– Северна Македонија можеби е на Заев и на тесните соработници кои преку промена на името сакаат да си ја сочуваат позицијата и привилегиите што тие ги носат, но мојата татковина и на граѓаните е Република Македонија, онаа за која што мнозинството гласаше на референдум на 8 септември 1991 година. Се нанесува тешка неправда и прават огромна штета. Во една ваква ситуација отпорот е она што ни преостанува – истакна Мицкоски кој уште еднаш повтори дека ВМРО – ДПМНЕ нема да учествува на собраниската седница и нема да даде легитимитет на, како што рече, „насилното менување на Уставот, преку пазарење и уцени со драконски казни“.

Мицкоски додаде дека, партијата е цврсто убедена оти уставните измени задираат и во идентитетот.

– Денес е финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство. До промената на Уставот со цел промена на уставното име се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“ нема да учествува во тој процес, и на денешната седница, нема да дадеме како политичка партија легитимитет за промената на Уставот затоа што таквите измени немаат легитимитет од  граѓаните. Цврсто сме убедени дека тие се штетни и оставаат траен белег врз македонското национално достоинство и го менуваат идентитетот, пред се институционалниот – рече Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО – ДПМНЕ станува збор за процес на промена на Уставот,  преку промена на уставното име, до кој што се доаѓа преку „пазарења, драконски уцени, а за таа цел има масовна злоупотреба на обвинителството и судскиот систем“.

– Кацарска Судството, Русковска обвинителството и СЈО се механизмите на власта за пресметка и уценување. На референдум Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот и името, туку тоа го прави на криминален начин преку користење на судските и обвинителските механизми за уцена на пратеници да гласаат – додаде лидерот на опозициската партија.

Тој додаде дека ќе го искористи демократското право на мирен и достоинствен протест и ги повика граѓаните да не наседнуваат на провокации.

– Пркосам за сето она што се случува и ќе се случува денес, но и следните денови во Собранието, бидејќи тоа ни преостанува. Ве молам искрено од дно на душа да не подлегнувате на провокации, ниту на измислени информации и конструкции од полициски структури инфилтрирани. Ве повикувам да ни се придружите и да останеме достоинствени, иако сакаат да ни го одземат достоинството, да останеме честити иако државата е окупирана од нечестита власт. Македонија мора да престане да губи, во економијата, во бизнисот, во индустријата, образованието, земјоделието. На планот на државните и стратешки интереси и цели. Единствениот одговор и вистинската сила лежи во граѓаните оние чија волја власта брутално ја гази на дневна основа – порача Мицкоски од пред Собранието.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...