Пасошко, односно Повикувачкиот центар (0800 192 92) на МВР каде се закажуваат термини за нови патни исправи од пред два часа функционира како во старите добри времиња, кога македонските граѓани на барање за нова патна исправа по брза постапка добиваа пасош во рок од 48 часа, услуга која се наплатува 4.800 денари.
Плусинфо вчера, но и денеска претпладне, како што објавивме пред околу два часа, се обиде да закаже термин за пасош во итна постапка, за кој службите на МВР и официјално се обврзуваат дека ќе го изготват за 48 часа, но во кол центарот ни закажаа термин дури на 18 јули, а во редовна постапка на крајот од месецот на 30 јули. Откако, оваа информација ја објавивме, експресно стаса одговор од МВР во врска со долгото чекање на пасошко, на кое реагираат граѓаните кои се придудени да платат 4.800 денари, а брзиот пасош да стаса дури по две до три недели. МВР ни одговори дека проблемот е надминат, а откако предмалку се обидовме повторно да аплицираме за пасош по брза постапка добивме термин за утре. Очигледна беше брзата реакција на надлежните служби во МВР.
-Во овој период од годината е зголемен бројот на граѓани кои поднесуваат барање за издавање на патна исправа по итна постапка, од таа причина термините за закажување беа со подолг временски период. Министерството за внатрешни работи ја воочи таквата состојба и веднаш презеде мерки за надминување на истата – се вели во одговорот од МВР на нашето прашање зошто не функционира брзата постапка за нови патни исправи и зошто граѓаните треба да платат толку пари кога не добиваат пасоши во скратен рок.
МВР ни одговори и на нашето барање за бројот на поднесени и издадени патни исправи. Во текот на јуни биле поднесени и изготвени вкупно по сите основи (прво издавање, замена и дупликат на пасоши) 25.809 пасоши, од кои 19.737 од тип А, и 6.072 од тип Б. За споредба, во текот на мај, биле поднесени и изготвени 13.184 барања.
Термини за нови лични документи освен на Повикувачкиот центар (0800 192 92), граѓаните може да закажуваат и преку официјалната веб страница(www.mvr.gov.mk).