Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, ќе биде под лупа на Антикорупциската комисија која ќе истражува дали тој пред две години додека беше вицепремиер во претходната влада, незаконски бил унапреден за доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Од Антикорупциска потврдуваат дека добиле пријава и оти ќе отворат постапка во која ќе го разгледуваат и одлучуваат дали тој незаконски се стекнал со унапредувањето. Кога точно Адеми ќе се најде на дневен ред на ова тело засега нема точна информација, но се очекува тоа да биде на некоја од наредните седници.
Од МОН денеска велат дека денеска нема ништо дополнително од тоа што вчера го кажал министерот и остануваат на тоа, а од Владата, пак, беа воздржани за коментар.
– Антикорупциска е независно тело и Владата нема да ги коментира постапките и одлуките. За постапката за министерот Арбер Адеми, прашајте го него, тој и вчера одговори во врска со предметот на Антикорупциска, се надевам и во текот на денот или утре ќе соопшти дали има нешто ново. На владина седница не е разговарано за тоа за ние да го соопштиме тоа на јавноста – изјави владиниот портпарол Мухамед Хоџа.
Во својот вчерашен одговор, што го споменува Хоџа,министерот се огради префрлајќи ја топката кај Универзитетот.
– Не сум контактиран од ниедна институција. Немам информација за било какво случување, секако дека треба да се запазат законските процедури. И моето унапредување и самата постапка се водени од страна на Универзитетот, знаете дека универзитетите се тие кои распишуваат конкурси и огласи за избор и реизбор и каде заинтересираните кандидати аплицираат. Така што, за било каква постапка ние сме тука и ги охрабруваме органите да ги спроведат и да ги почитуваат законските постапки – рече Адеми.
Претставката до Антикорупциска против министерот, како што објави Факултети.мк, ја поднел просветниот инспектор за високо образование Ѓорѓи Илиевски по редовен инспекциски надзор во тетовскиот универзитет во април годинава.