Драматичните случувања во Собранието и нелегалниот чин против Уставот, барем дадоа појасна слика за тоа кој се залага да се испочитува волјата на народот од кој сме избрани, а на кого му се побитни заткулисните договори, напиша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска на Фејсбук.
„Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак покажа дека му е побитна демократската доверба која гласачите им ја дале на пратениците, и волјата на членството и симпатизерите. Со тој став ја заслужи мојата поддршка и како пратеник, и како член на ВМРО-ДПМНЕ од 1992 година. Консолидацијата и единството во ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на програмските определби, се потребни и полезни за демократијата во Република Македонија“, се додава во написот на Милошоски.