Мерко: Кај ќе ги носи Сугарески плажите, во Прилеп?

1363

Кај ќе ги носи Сугарески плажите во Прилеп? Ова е бурната реакција на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, по вчерашната најава на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески за измени на Законот за градежно земјиште со кои државата ќе стопанисува со охридските плажи наместо општините.

– Да му пуштите абер на министерот Сугарески дека сме демократска држава, спроведуваме демократија, а тоа подразбира и практикување на децентрализацијата. Од 2012 годиниа со децентрализацијата плажите се под ингеренции на општините. Му порачувам на Сугарески да не носи селективни одлуки само за струшките плажи. Нека ги одземе ингеренциите на општините и на плажите во Охрид, Преспа, Дојран и на сите помали езера. Кај ќе ги носи министерот плажите, во Прилеп? – рече Мерко за Плусинфо.

Тој вели дека во партијата не разговарале за најавата на Сугарески дека плажите ќе одат под државна капа и најави дека за ова ќе бара средба со лидерот Али Ахмети за Централното претседателство на партијата да заземе став.

И од пратеничката група на ДУИ ни изјавија дека немаат изградено став дали ќе ги поддржат измените на Законот за градежно земјиште.

Мерко е категоричен дека ќе се споротивстават на предлогот на Сугарески.

– Општина Струга ги изгради плажите. Тврдам дека нема ниту една нелегална градба. И впрочем, концесиите за плажите ги издава Министерството за транспорт и врски. Ние немаме профит од плажите, туку вложуваме во нив. Нека проверат дали јас или некој мој близок има концесија за да имаме интерес од плажите. Од седум плажи на струшкиот брег, Министерството за транспорт три концесии даде преку директна спогодба и сега на Општината ќе ѝ ги одземат плажите. Срамота! – вели Мерко.

Струшкиот градоначалник во одземањето на плажите од локалната самоуправа гледа тенденција на Министерството за транспорт против Струга. Тој смета дека стопанисувањето со плажите треба да остане на општините или ако се одземат ингеренциите тоа да важи за сите општини, а не само за охридските плажи.

На прашањето што доколку и пратениците на ДУИ го поддржат законот, Мерко вели:

– Нека го донесат законот, па на пратениците ќе им ја дадеме и Општината, нека управуваат и со неа. Со ваквата одлука министерот Сугарески директно прави штета на претстојната туристичка сезона во Струга.

Сугарески вчера изјави дека очекува наредната недела да почне собраниската процедура за измени на Законот за градежно земјиште со кои ќе се овозможи државата да ги преземе ингеренциите од општините Охрид, Струга и Дебрца врз крајбрежјето на Охридското Езеро, односно стопанисувањето со плажите.

– Тоа го најавив на трибината тука во Охрид заедно со премиерот Зоран Заев. Очекувам наредната седмица во Парламентот да влезе законот, што значи дека надлежностите на крајбрежјето и плажите ќе бидат под државата, а не на локално ниво – рече Сугарески појаснувајќи дека тоа се прави од причина што локалните власти не можат да се справат со проблемите.

За тоа како трансферот на ингеренциите ќе се одрази врз претстојната туристичка сезона, од аспект на издавањето на плажите под концесија, Сугарески изрази уверување дека има временски простор сѐ да се заврши во најдобар ред.

– Очекувам законот да биде донесен најбрзо, но дел од работите не зависат само од Владата туку и од Собранието – рече тој, истакнувајќи дека ниту една дивоградба нема да биде толерирана, независно под чија ингеренција било земјиштето издадено на стопанисување.

За вршителот на должноста градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, практиката од минатото покажала оти општините имаат потешкотии во менаџирањето на плажите на Охридското Езеро, како што рече, поради определени недоследности во системот, пропусти направени во минатото, како и недозволени активности на концесионерите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...