МВР за издавање пасош по итна постапка наплатува по 4.800 денари, а за фотографирање закажува дури после две недели, иако со јавување на телефонскиот број на Повикувачкиот центар (0800 192 92) или со закажување преку официјалната веб страница(www.mvr.gov.mk), граѓаните треба да добијат термин за апликација веќе наредниот ден.
Ако пак, денеска аплицирате за нов пасош по редовна постапка за кој се плаќа по 1.800 денари, термин за сликање ќе добиете дури на 30 јули.
Долгото чекање, како што објаснуваат во повикувачкиот центар, е поради летните одмори кога е зголемен бројот на барања за патни исправи, но и поради фактот дека на голем број биометриски пасоши им истекува важноста, а граѓаните за продолжување на документите треба да ја поминат истата процедура како за нов пасош.
Во МВР не ни одговорија на нашето прашање зошто наплатуваат двојно повеќе кога не можат да одговорат на потребите и на барањата на граѓаните.
На веб страницата на МВР во делот за издавање патни исправи по итна постапка пишува дека пасошот се изготвува во рок од 48 часа од денот на поднесување на барањето, а цената на образецот за итен пасош, се зголемува три пати во однос на редовната цена.
„Ако граѓанинот бара изготвување на пасош во итна постапка, истиот ќе се издаде најдоцна во рок од 48 часа од часот на поднесување на барањето за издавање на пасош, освен ако се издава поради лекување во странство, смрт или тешка болест во семејството“, пишува на страницата на МВР.