Мајсторе, прсни ме и вози – Македонките се пакуваат за Осми март во странство

Сепак, за Денот на жената ќе се реализираат бројните тури во земјите и на дестинациите каде што нема или има мал број заразени со Ковид 19.

3821
20160308 Tuesday osmi 8mi 8 mart den na zenata

Голем број од туристичките агенции ги откажаа осмомартовските патувања во Италија поради коронавирусот кој се појави во оваа земја. Сепак, за Денот на жената ќе се реализираат бројни тури во земјите и на дестинациите каде што нема или има мал број на заразени со Ковид-19.

Од туристичката агенција „Арбо травел“ за „Плусинфо“ велат дека поради коронавирусот за Осми март ја откажале турата за Сицилија, но сепак ќе се реализираат патувањата за Грција, Србија и за Романија кои се целосно пополнети. За патувањето во Грција, поточно за посетата на Метеори-Паралија, клиентите треба да одвојат 2.790 денари, а оние кои ќе се одлучат за Нови Сад ова патување ќе ги чини 3.350 денари.

– Засега немаме откажувања од страна на патниците, па така ќе ги реализираме патувањата кои ги имаме за празникот на жената, а не е препорачано ни од Комората да се одложат. Поради вирусот имаме купено специјална машина за дезинфекција со која за 3 минути целосно се дезинфицира автобусот – велат од „Арбо-травел“.

Нема откажувања ни за посетата на Сараево – „Ерусалим на Балканот“, велат во агенциите. Овој град е еден од само неколкуте големи европски градови кои имаат една џамија, католичка црква, православна црква и синагога во исто соседство.

– За 90 евра туристите, покрај Сараево и неговите знаменитости, ќе можат да ги погледнат и Мостар и Вишеград. Во цената на овој аранжман се вклучени две ноќевања во Сараево со појадок, автобуски превоз, разгледување на градот со локален водич. Исто така, имаме факултативни активности, како крстарење по Дрина за 5 евра, ноќна посета на Сараево со посета на пивница за 5 евра – велат од туристичката агенција „Стаф“.

Од агенцијата додаваат дека покрај Сараево, најпосакувани дестинации за овој празник се Истанбул и Романија каде цените на аранжманите се движат од 90 евра за главниот град на Турција, додека во Будимпешта може да се патува за 8.000 денари со вклучен автобуски превоз, пет дена и две ноќевања со појадок. Додека патувањата во „Трансилванија“, како и посетата на замокот на Дракула, градот Брашов и термалните бањи дополнително се наплатуваат.

– Освен Италија, сите други тури кои ги имаме за овој период ќе се релизираат. И покрај тоа што разговаравме со клиентите дека овие дестинации се безбедни, сепак речиси во сите имаме откажувања на пример за автобус со 60 седишта, 10-15 лица одлучуваат да не патуваат поради страв од новиот коронавирус – истакнуваат од „Стаф“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...