Вештачењата од Машинскиот факултет во Скопје за техничката исправност на автобусот кој излета од патот кај Ласкарци, како тие на Електротехничкиот факултет за тоа дали бил исправен технографот се пристигнати во скопското обвинителство.
Оттаму велат дека ги очекуваат и сообраќајно-техничките вештачења од Бирото за судски вештачења.
Дали бил исправен технографот и која е брзината со која се движел автобусот на „Дурмо турс“ од Основното јавно обвинителство не можат да споделат потенцирајќи дека содржината на извештаите се сметаат за тајна додека предметот сѐ уште е во предистрага.
Готови се и обдукциите на починатите патници, а за преживеаните се собира медицинска документација за повредите. Од сите преживеани кои се во стабилна здравствена состојба, како што е веќе познато, се земени и искази.
Кога е во прашање возачот на автобусот, готово е медицинското вештачење за неговата здравствена состојба. Тој првично беше сослушан од обвинителството, а добиваше и закани, по што полицијата презеде мерки за заштита.
И републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, уште пред дваесеттина дена апелираше да се почитува презумцијата на невиност.
Несреќата на автопатот Скопје-Тетово се случи кога автобус на гостиварската компанија „Дурмо турс“ излета од коловозот кај селото Ласкарци на 13 февруари годинава. Животот го загубија 15 патници, а повеќе од 30 беа повредени.
Photo: EPA/GEORGI LICOVSKI