Маршал Стјуарт Пич за МИА: Пропаганда не се уништува со пропаганда, туку со факти и со добро обучени луѓе

Пич, кој е претседавач на највисокото воено советодавно тело на НАТО, од вчера е во официјална посета на земјава.

239
FOTO MIA

Пропагандата не треба да се користи во борбата против пропагандата, историјата покажала дека тоа е мошне погрешен пристап, борбата против пропагандата се води со факти и со добро обучени луѓе во сите сфери, порачува воздухопловниот маршал Стјуарт Пич во ексклузивното интервју за МИА.

Во врска со очекувањата за зголемување на бројот на лажните вести пред претстојните избори кај нас, но и за тоа како членството во НАТО штити од овој феномен, Пич нагласува дека НАТО има стратегија, но факт е дека информативното опкружување претставува предизвик и има луѓе кои креираат алтернативни наративи, лажни наративи, кои фалсификуваат слики, и тоа се случува постојано.

Тие ја искористуваат технологијата на лош начин. Затоа ни е потребна стратегија за да имаме веродостојни информации, потребна ни е стратегија за да ги заштитиме нашите бази на податоци, мрежи и ИТ-системи, нашите луѓе да бидат соодветно проверени и оние кои имаат пристап до класифицирани информации да поседуваат соодветни сертификати. Има многу чекори што можеме да ги преземеме, но исто така тука е и прашањето да не се користи пропаганда во борбата против пропагандата. Историјата покажала дека тоа е погрешен избор. Ние се бориме против пропагандата со факти, ние даваме потврдени информации и сме многу внимателни сè додека не добиеме потврдени информации, нагласува Пич во интервјуто за МИА.

Пич, кој е претседавач на највисокото воено советодавно тело на НАТО, од вчера е во официјална посета на земјава. Вчера се сретна со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по што беше информиран за плановите и процесот на трансформација на командите и единиците на Армијата. Ја посети и канцеларијата за врски на НАТО, а денеска ќе биде примен и од претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.

Во интервјуто за МИА изрази задоволство од напредокот на Армијата и ја очекува земјава наскоро и официјално да стане 30. земја членка на НАТО. Во интервјуто со маршалот Мичел разговараме за неговите очекувања за мешање на трети страни во последните чекори на официјализирањето на нашето членство, за 5Г-технологијата, за односите на НАТО со Русија, за најновите случувања по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани.

Маршале Пич, доаѓате во посета на земјава во период кога сме во исчекување наскоро да станеме и официјално 30 земја членка на НАТО. Од официјалното членство нè дели уште ратификацијата на Протоколот од страна на шпанскиот Парламент и ратификацијата што треба да ја завршиме во нашиот Парламент. Која е целта на вашата посета, охрабрување или на некој начин мониторинг на она што е потребно и официјално да станеме дел од Алијансата?

– Ви благодарам за оваа можност и ми претставува голема чест и привилегија што сум тука, во Северна Македонија. Целта на мојата посета е да покажам солидарност со вашиот началник на Генералштабот и да му посакам добредојде во семејството на началници на генералштабови на 30-те сојузници. Целта е да разговараме со него, Генералштабот и министрите за подготвеноста во рамките на процесот. Со нетрпение ја очекуваме транзицијата од Северна Македонија како докажан партнер во полноправен сојузник. Како сојузник, вашиот началник на Генералштабот ќе работи заедно со другите началници во семејството на Воениот комитет, најстарото и највисокото постојано воено тело во рамките на Алијансата. Јас сум 32. претседавач на Воениот комитет и вашиот началник ќе стане дел од тој тим, откако ќе станете членка, и како во секое семејство, сите сме посилни заедно. Така што целта на посетата може да се сумира во еден збор – солидарност.

Имавте средби со началникот на ГШ, со министерката за одбрана, изминативе години Армијата се реформираше. Македонските војници имаат големо искуство во мировните мисии, ИСАФ, Слобода за Ирак, АЛТЕА, УНИФИЛ, КФОР, Одлучна поддршка. Ваша оценка за придонесот на Армијата во мировните мисии, предводени од НАТО, но и за состојбата на Армијата на С. Македонија, колку е таа компатибилна со потребите на НАТО?

– Над 4.000 членови на вооружените сили од Северна Македонија служеле во операции во текот на патот до членство и им се заблагодарувам на сите нив за тоа. Секако, тоа ни овозможи да го увидиме професионализмот на вашите вооружени сили и тоа е едно моќно признание. Тие се распоредени низ целиот свет, вклучително и во Авганистан. Тоа ни дава причина да го почитуваме нивниот професионализам. Сега Армијата на Северна Македонија го почна патот на трансформација, што го поздравуваме и го поддржуваме. Тоа го разговаравме утрово со началникот и со Генералштабот. Тој пат е многу важен, потребен пат во смисла на модернизација на опремата, почитување на војниците, почитување на нивните претпоставени. Начинот преку кој можеме да учиме едни од други како Алијанса е многу важен, за секој да разбере дека кога станувате сојузник не се работи само за политичката посветеност, што е секако главната вест, туку предноста и можноста за вооружените сили да работат со многу други земји, да учат едни од други, да ги развиваат вештините додека вежбаат заедно и, секако, преку испраќањето на овие мисии со цел уште повеќе да го зголемат професионализмот во иднина. Вооружените сили од Северна Македонија веќе се многу почитувани и ќе бидат подготвени да работат со другите НАТО-сојузници како 30. сојузник.

Што им сугериравте на нашите власти денеска на средбите, што ѝ недостига на Армијата?

– Ова не е нова работа за вашите вооружени сили. Тие работат веќе долги години со НАТО во рамките на програмата Партнерство за мир и преку многу други форми. Подолго време даваме совети, не насоки, туку совети, и учиме едни од други, учиме од операции и учиме како да ги примениме тие лекции за во иднина. Треба да ја поседуваме потребната опрема, меѓусебно да се поддржуваме преку логистика, добро да го познаваме информативното опкружување, што е многу важно во денешно време и, секако, се работи за соработка што постепено ја гради интероперабилноста меѓу 30-те сојузници.

Имате богато воено искуство и портфолио, сте биле дел и од највисоките воени разузнавачки структури на Велика Британија, имате воено искуство глобално во Авганистан, Ирак, Косово… Според вашите сознанија, дали се очекуваат одредени препреки од трети земји во овие крајни чекори на официјализирање на нашето членство во Алијансата?

– Процесот на пристапување е доброволен и ги поздравуваме напорите на властите во земјата во текот на овој процес. Така што не зависи од тие трети страни да се мешаат во тој процес и ние го одбиваме тоа мешање. Мислам дека ова претставува едно позитивно патување и сме во очекување на последните детали поврзани со пристапувањето. Тогаш ќе можеме да работиме поефикасно, срдечните врски меѓу вработените во НАТО и службите овде, во Северна Мкедонија, ќе продолжат и во тоа не може да се мешаат други кои не се овластени и не се дел од тој процес. Тоа јасно го осудуваме и јасно го покажуваме нашето пријателство со Северна Македонија.

Во Северна Македонија наскоро ќе има избори, очекуваме зголемување на лажните вести. Како членството во НАТО ќе ѝ помогне на една земја да се справи со овие феномени и САД се членка на НАТО, но сепак таму лажните вести не беа спречени за време на претседателските избори. Имате ли лек, стратегија?

– НАТО има стратегија, но факт е дека сакале ние или не или го одобрувале ние или не, информативното опкружување претставува предизвик. Има луѓе кои креираат алтернативни наративи, има луѓе кои креираат лажни наративи, има луѓе кои фалсификуваат слики, и тоа се случува постојано. Тие ја искористуваат технологијата на лош начин. Затоа ни е потребна стратегија за да имаме веродостојни информации, потребна ни е стратегија за да ги заштитиме нашите бази на податоци, мрежи и ИТ-системи, нашите луѓе да бидат соодветно проверени и оние кои имаат пристап до класифицирани информации да поседуваат соодветни сертификати. Има многу чекори што можеме да ги преземеме, но исто така тука е и прашањето да не се користи пропаганда во борбата против пропагандата. Историјата покажала дека тоа е погрешен избор. Ние се бориме против пропагандата со факти, ние даваме потврдени информации и сме многу внимателни сè додека не добиеме потврдени информации. Признавам дека денешното информативно опкружување претставува предизвик, без разлика дали се работи за вежби, обуки, операции и работа со други партнери, бидејќи природата на воените активности претставува предизвик. Затоа треба да се подготвиме за ова и како дел од модернизацијата на одбраната мора да прифатиме дека ни се потребни професионалци во вооружените сили од сите земји, вклучително и од Северна Македонија, кои ќе станат киберпрофесионалци и мислам дека тоа е важен одраз на времето во кое живееме. Истовремено би рекол дека ова е предизвик и возбудлива работа за младите луѓе – да работат со вооружените сили во вакво информативно опкружување.

Последниот самит ги извади на површина разликите меѓу сојузниците за одредени прашања, особено по изјавата на Макрон дека НАТО има мозочна смрт, како и дека е потребно затоплување на односите со Русија. Дали на НАТО му се потребни реформа и нов пристап и потребно ли е затоплување на односите со Русија?

– НАТО е извонредна организација, стара е 70 години, неверојатно е приспособлива и отпорна. НАТО продолжува да се приспособува низ историјата. На Самитот на лидерите ова беше уште еднаш потенцирано. Последниот самит беше всушност многу успешен во насока дека јасно беше ставено на знаење дека НАТО се адаптира и ќе продолжиме да се адаптираме. Имаме заедничка контролна структура во воената алијанса, која одговара на целта. Тоа го демонстрираме секој ден, на море, во воздух, а сега ги зајакнуваме нашите капацитети и во вселената. Приспособувањето е процес што подразбира дека не треба да стоиме во место, мора да еволуираме. Прифаќаме дека мора да продолжиме со политичкиот дијалог. Ме прашавте специфично за Русија. Ги препознаваме и исто така ги расветлуваме сите закани за евроатлантскиот регион и исто така се браниме кога е потребно од сите закани за евроатлантскиот регион. Но исто така ја препознаваме потребата од дијалог и затоа имаме Совет НАТО – Русија, кој се состанува, каде што зборуваме со Русите и имаме директни контакти меѓу воените сили и јас сум дел од сето тоа. И не е точно дека не водиме дијалог со Русија, имаме дијалог, секако контролиран, но водиме дијалог со Русија и имаме почит, заемна почит во тој процес.

Имате докторат по технологија, не еден, туку три. Што мислите за 5Г-технологијата, дали Алијансата има единствен став по ова прашање и каква е можноста за кинеското влијание преку Хуавеј во оваа сфера?

– Одговорот на ова прашање се однесува на стандардите – потребата до заеднички дата-стандарди без разлика дали станува збор за воена или цивилна област, а во случајот на воената за да можеме безбедно да оперираме. Исто така мора да ја прифатиме информациската средина во која се наоѓаме. Начинот на кој технологијата се движи понекогаш бара физичка безбедност, понекогаш бара електронска, некогаш бара дисциплина, да не се емитува и трансемитува. НАТО ќе продолжи да ги применува тие стандарди во однос на технологијата и тоа е директен одговор на прашањето. Оние кои нудат и произведуваат технологија мора да се усогласат со нашите стандарди. Ние прифаќаме сè што е безбедно, мора да имаме безбедни комуникации, на податоци, гласовна комуникација и други форми. Мора да имаме отпорност, да бидеме способни да одговориме доколку сме нападнати. Без ралика кој ја обезбедува технологијата, тој мора да се вклопи во тие стандарди. Стандардите нема да се сменат затоа што тоа можеби е поволно за индустријата. Ова е вистинскиот одговор, мора да бидеме во состојба да ги заштитиме нашите способности за заедничка контрола.

На повидок е нова криза по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, се влошија односите на САД со Иран, Ирак… Столтенберг повика на воздржаност и намалување на тензиите меѓу САД. Во НАТО има загриженост во врска со едностраниот потег на Вашингтон, а Столтенберг рече само дека воздушниот напад е „одлука на САД“. Според последните вести имаше ракетни напади врз две ирачки бази, како одмазда за смртта на Сулејмани. Според вас, колку е сериозна целата оваа ситуација, на социјалните мрежи се појавија хаштази со напомена за трета светска војна?

– Јас сум тука во Северна Македонија, а мојот одговор е многу едноставен, ние како Алијанса сме обединети и демонстрирањето на таа единственост беше потврдено и во Северноатлантскиот совет оваа недела. Генералниот секретар ја рефлектираше таа единственост во изјавата на прес-конференцијата, таа единственост останува и во иднина. Ние сме присутни во Ирак, НАТО има мисија за обучување, тоа не е борбена мисија и сме таму по покана од ирачката влада. Поради моменталната ситуација мисијата е суспендирана, нашите активности се суспендирани. Ние сериозно ја земаме предвид заштитата на сите оние кои служат под знамето на НАТО, тоа е сериозна должност. Нема да дискутирам за детали од операциите, за локации, но ви давам збор дека безбедноста на тие луѓе ја сметаме за многу сериозна. Од блузи ја следиме ситуацијата. Имате право има тензии, но се враќам на претходниот одговор  – Алијансата е многу приспособлива и има голема способност на организација, команда и контрола, како и мониторирање на последните случувања. Ќе преземеме соодветни чекори и ја продолжуваме поддршката за ирачката Влада ако тоа од нас се бара.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, непосредно пред роденденскиот самит во Лондон се пофали со раст на трошоците за одбрана во сите земји членки на НАТО и сѐ поголем број земји што ја исполнуваат обврската да одвојат два отсто БДП за воената одбрана. Каква е состојбата во моментов и ваша оценка за Северна Македонија во однос на трошоците за одбраната?

– Сите сојузници ги прекинаа кратењата на буџетите за одбраната, инвестирајќи мудро во одбраната, во нова опрема, во интероперабилна опрема. Северна Македонија е дел од тој процес. Имав дискусии со вашиот началник на Генералштабот тука, без да одам во детали за тактичките операции, уверен сум во вашите планови и гледам дека прогресот во модернизацијата е многу реален. Им дадов пофалби на македонските сили за таа професионализација, за нивниот придонес во НАТО, за способноста да се трансформираат и за нивната посветеност на модернизацијата во насока на станувањето 30. членка на НАТО.

За крај, вашите импресии од посетата на Северна Македонија?

– Моите импресии се мошне позитивни и посетата продолжува.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...