Максо со иновативен концепт за кандидатските листи на СДСМ – лидерите да туркаат, а не да влечат!

Предлогот на популарниот кумановски градоначалник на конгресот е отфрлен, но се чини дека тој ќе стане актуелен после изборите, кога партиите ќе се соочат со својот учинок. Во меѓувреме, Максим Димитриевски ќе се потруди да даде максимален придонес во изборната битка.

6192

Објавувањето на предлозите на кандидатските листи за изборите од страна на партиските лидери, предлози кои најчесто беспоговорно се прифаќаат од партиските органи и тела, многу често наидува на скриени, а понекогаш и на отворени реакции на членови и функционери на партиите. Поради недостигот на внатрепартиска демократија, тоа во Македонија стана вообичаена практика.

Медиумите известуваат дека истото се случува и по обзнанувањето на кандидатските листи на СДСМ. Поранешната претседателка на Градската организација на СДСМ, Софија Куновска, на пример, на Фејсбук се огласи со пост, во кој укажа дека со изборот на пет мажи од шесте носители на листите, партијата го покажала своето вистинско лице во поглед на родовата еднаквост. Многу коментари на социјалните мрежи предизвика и изборот на „прелетачите“ на кандидатските листи. Таков е пратеникот Панчо Минов, кој на минатите парламентарни избори беше на листата на ВМРО-ДПМНЕ, а на претстојните избори ќе настапи на листите на СДСМ и тоа на петтото место во изборната единица 4, каде што носител е лидерот Зоран Зеав. Остри коментари предизвика и предлогот на Заев на листите да се најде и Зекир Рамчиловиќ, поранешен член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Незадоволство има и меѓу градоначалниците и локалните партиски функционери.

Сето тоа во една ваква зовриена предизборна атмосфера е очекувано, а кај нас веќе станува и нормално. Но една друга реакција сепак заслужува да се издвои и да се акцентира. Во најмала рака затоа што е кажана отворено и директно во дебата со лидерот Зоран Заев на затворена седница на Централниот одбор на партијата (а не преку социјалните мрежи или преку брифинзи на „блиски“ новинари) и затоа што е пласирана со искрена намера да се придонесе за доброто на партијата, која треба да дејствува и после изборите, а можеби и да се реформира.

Станува збор за настапот на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, популарниот Максо. Според наши сознанија, на последните мерења на рејтинзите, Димитриевски бил исклучително високо рангиран во својот град и е неспорно носечки сдсмовски кадар во општината Куманово. Според повеќе извори, Максо на затворената седница на Централниот одбор предложил партиските лидери Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и другите, на кандидатските листи да се позиционираат на последните места, а на добитните места да се исфрлат нови кандидати, ликови кои избирачите ќе ги препознаат како значајно кадровско освежување на СДСМ.

Логиката од која се водел Димитриевски е едноставна – во случај на победа на СДСМ на изборите, како што било најавено од лидерот Зоран Заев, водечките партиски кадри не се во никаков ризик, бидејќи како и до сега, меѓу нив ќе се бараат и мандатарот и членовите на идната извршна власт. Затоа Максо фигуративно кажал дека овие кадри не треба да ја повлечат партијата кон победа, туку да ја туркаат. Освен тоа, со таков пристап, во случај на победа, партијата ќе влезе во парламентот со нови имиња, а не со кадри од типот на Панче Минов и Рамчиловиќ.

Од друга страна, според кумановскиот градоначалник, во непосакуваното сценарио на пораз на изборите, партиското водство природно ќе понесе консеквенци и ќе дојде време за реформирање на партијата. Вака, со поставувањето на партиските лидери на безбедните добитни места на кандидатските листи, кон членството се упатува обесхрабрувачка порака дека лидершипот на СДСМ е подготвен и за победа, но и за пораз на изборите.

Предлогот на Максим Димитриевски бил отфрлен лично од претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Инаку, не е прв пат Максо, освен што настапува критички кон опозицијата, да критикува и одредени потези на извршната власт. Од него побаравме да ја коментира својата дебата со Заев, но тој кусо ни одговори:

– Нема да коментирам расправа на затворена седница на Централниот одбор на СДСМ. Можам само да ви кажам дека во изборната трка ќе го дадам својот максимален придонес за победа на мојата партија.

Се чини дека идејата на Максим Димитриевски би можела да биде актуелна после 12 април, кога партијата губитник на изборите – без оглед која ќе биде таа – ќе мора да почне да размислува за внатрешни реформи. Зашто, во принцип, успехот на изборите е клучниот критериум за успехот на партиските лидерства. Кој губи не може ни да влече ни да турка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...