Гала-концертот на тенорот со светска слава по потекло од Косово Рам Љахај, кој се одржа синоќа во Скопје, за малку ќе пропаднеше, поради одбивањето на дел од членовите на Оркестарот на Македонската опера да го придружуваат, пишува во утрешното издание весникот „Коха Диторе“.
Според весникот, како што јави дописникот на МИА од Приштина, концертот „Рам Љахај и пријателите“ бил „спасен“ од албанскиот пијанист Генц Тукиќи, кој допатувал во Скопје откако станало јасно дека Оркестарот на Македонската опера го саботира албанскиот тенор.
Љахај за приштинскиот весник вели дека со скопскиот оркестар имал три проби, но било невозможно да се соберат и мобилизираат сите за да се организира концертот како што е најавувано од поодамна.
– Имам слушнато како се зборува дека на поранешните концерти понекогаш оркестрите во Македонија знаеле да бидат некоректни кога се во прашање албанските уметници. Но овој пат јас сам се убедив во тоа, додека дојдовме до една точка во која јас го одложив концертот со оркестар – изјави Љахај.
На концертот кој го отвори седмото издание на Фестивалот „Сцена на албанската сериозна музика“, во организација на здружението „Алегрето“, покрај Љахај настапија и други реномирани имиња, како сопранистката од Русија Венера Гимадиева, баритонот Кирил Манолов и мецосопранистката Марика Поповиќ.
Љахај е еден од истакнатите тенори на неговата генерација во светски рамки и е добитник на престижни оперски признанија. Редовно настапува со светски познати изведувачи на оперските сцени ширум светот, како во Париз, Москва, Хелсинки и во многу други места.