На 7 мај, Скопје ќе биде под полициска опсада. Безбедноста ќе биде подигната на највисоко можно ниво бидејќи за првпат во земјава доаѓа папа. Детали за безбедносните мерки досега се откриени малку, а меѓу нив се и забрани за тоа што смеат, а што не, да носат граѓаните кои сакаат да присуствуваат на мисата на плоштадот. Па така, во списокот забрани се наведени експлозивни направи и пиротехника, огнено и ладно оружје. Од протоколот во ладно оружје, покрај палки, ножеви и ножици, ги сместуваат и комплетите за маникирање и метални прибори за јадење. Забранети се и чадори, алкохол, транспаренти и знамиња. Минатата недела се заваруваа и шахтите на плоштадот.
Покрај строгите безедносни мерки, организаторите ќе внимаваат и на естетиката. Така, според нашите информации, тие веќе имаат план да ги заменат искршените бекатон плочки онаму каде што ќе се движи папата, како што се на пример, тие околу спомен куќата на Мајка Тереза. Таму ќе се заменат или покријат и ишкртаните лимови со кои е ограден просторот во кој се гради црквата „Св. Константин и Елена“.
Папата Франциск во Скопје ќе престојува околу 10 часа, а бидејќи централното градско подрачје ќе биде буквално блокирано поради безбедносни мерки, сѐ погласни се и шпекулациите дека 7 мај, вторник, ќе биде неработен ден. Меѓутоа, од Министерството за надворешни работи (МНР) кое е дел од организацијата на посетата, велат дека официјално сѐ уште немаат таква информација. Поради големиот интерес на јавноста за посетата, најавуваат дека наскоро ќе излезат на прес-конференција на која ќе бидат одговорени сите прашања.
Според она што го соопштија досега, папата на аеродромот во Скопје ќе пристигне во 8.15 часот, оттаму ќе се упати кон Претседателската палата на Водно каде ќе има средби со државниот врв, граѓанскиот сектор и со дипломатскиот кор. Потоа, ќе ја посети спомен куќата на Мајка Тереза каде ќе се сретне со верските лидери и со сиромашните, а на плоштадот „Македонија“ ќе одржи света миса. Последна на агендата е посетата на Католичката црква во Скопје, од каде потоа ќе се упати на аеродрмот на кој ќе има свечено испраќање за Рим.
На мисата на плоштадот ќе може да присуствува секој граѓанин, но претходно ќе треба да се регистрира и да добие влезница. Регистрацијата за граѓаните на Северна Македонија ќе започне наредниот понеделник – на 22 април, а ќе може да се направи во католичките парохии во Скопје, Струмица, Гевгелија, Боданци, Куманово, Штип, Битола и во Охрид.
Заради безбедносните прегледи на патиштата, верниците кои не се од главниот град, за да присуствуваат на мисата ќе треба да пристигнат во Скопје најдоцна до 6 часот наутро бидејќи во 7 веќе улиците во централното подрачје ќе се затворат. Ако доаѓаат со организиран превоз, организаторите препорачуваат да имаат обележје, а полицајци ќе има на влезовите во Скопје и ќе им кажуваат и на автобусите и на автомобилите каде да се паркираат.
Пристапот до плоштадот ќе биде преку посебни влезови, кои ќе бидат отворени до 9 часот наутро, а секој граѓанин ќе помине низ полициски претрес. Покрај влезницата која ќе ја добијат со регистрација, граѓаните на полицајците ќе треба да им покажат и лични карти, а со себе треба да носат и: здравствена книшка и историја на болеста за хронично болните, како и најпотребните лекови кои ги користат; вода, освежувачки пијалоци во проѕирна пластична амбалажа, а доколку носат храна таа треба да биде во картонска или во хартиена амбалажа.
Кога папата Франциск ќе пристигне на плоштадот и ќе поминува меѓу верниците, тие не смеат да фрлаат предмети кон него, дури ни цвеќиња, а во текот на литургијата не смеаат да ракоплескаат.
За официјалната посета на папата, организаторите отворија и посебна веб-страница www.papa.mk, каде ги објавуваат сите овие детали.
Photo: EPA-EFE / GIUSEPPE LAMI