Касами со ултиматум до Села до крајот на неделава да се изјасни за трипартиската коалиција

Наспроти ултиматумот на Касами, Алијансата на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши ги привршуваат преговорите за заеднички настап на изборите.

1029

БЕСА ѝ дава рок на Алијансата за Албанците до крајот на неделава да се изјасни за трипартиската коалиција, вели за Плусинфо висок функционер од партијата на Билал Касами. Во спротивно, БЕСА ќе излезе со други опции, но најверојатно одлуката ќе биде да оди сама на предвремените парламентарни избори во април.

Наспроти ултиматумот на Касами, Алијансата на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши ги привршуваат преговорите за заеднички настап на изборите.

– Зијадин Села до крајот на неделава да се изјасни за неговата понуда на изборите заеднички да настапат Алијансата, БЕСА и Алтернатива. Доколку Алијансата молчи, ние ќе излезезме со други опции за изборен настап. Нивна беше идејата за трипартитна коалиција. Имаше понуда од Алијансата и толку. Досега нема никакви средби, ни разговори помеѓу двете паретии. Нема понуда, нема конкретни разговори ниту за изборната програма, ниту за изборниот настап на пратеничките листи – вели функционерот од БЕСА.

Повикот на БЕСА, Алијансата да се изјасни за трипартиската коалиција во Алтернатива го толкуваат дека партијата на Касами си создава алиби зошто нема да биде дел од коалицијата која „ќе ја урне владеачката ДУИ“.

– Сакаат пред гласачите да излезат чисти, дека тие сакале соработка на трите партии и дека Алијансата и Алтернатива не сакаат да ја симнат ДУИ од власт – вели висок функционер на Алтернатива.

Оттаму велат дека прашање на денови е објавата дека со Алијансата заеднички ќе настапат на изборите, бидејќи како што велат, коалицијата веќе е 90 отсто завршена работа. Се очекува уште една средба помеѓу Гаши и Села за преговорите да финализираат и да се објави коалицијата. Од Алтернатива велат дека со Алијансата веќе разговарале и за изборната програма и за заедничките листи со кои ќе настапат на изборите. Двете партии разговарале и за  позиционирањето на кандидатските листи за пратеници.

Иако се обидовме, не успеавме да добиеме став од Алијасата за Албанците како го толкува ултиматумот од Касами и дали тоа значи дека и покрај понудата за соработка помеѓу трите партии, на изборите заеднички ќе настапат само Алијансата и БЕСА.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...