И Северина настрада на протестите пред Собрание ФОТО

Тоа не е единствената лажна вест. Се споделува и фотографија објавена пред три години во српските медиуми на кои се наоѓа српската пензионерка Милева Стојмировиќ.

1965

Социјалните мрежи вријат со коментари за вчерашните случувања, потпишувањето на договорот за конечно решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, како и за протестите кои се случија во Скопје.

Во низата позитивни и негативни реакции, на Интернет се протнуваат и низа лажни вести кои се однесуваат на полициската бруталност.

Се споделуваат и фотографии дека имало претепани граѓани меѓу кои, помалку упатените не препознале дека на едната е хрватската пејачка Северина. Од нејзиниот спот за песната „Muškarcu samo treba kurva” направен е „принт скрин“ и фотографијата како таа е целата со модринки се шири на социјалните мрежи со коментари дека жена била претепана од страна на полицијата.

Тоа не е единствената лажна вест. Се споделува и фотографија објавена пред три години во српските медиуми на која се наоѓа српската пензионерка Милева Стојмировиќ. Таа била претепана од хулигани пред три години во Србија, а денеска се претставува како да е жена претепана на вчерашните протести.

Официјалните информации говорат дека на протестите лекарска помош побарале седум лица. Според нашите информации, сите биле полесно повредени и биле пуштени на домашно лекување. Биле повредени и 10 полицајци, а приведени се 26 лица.

– Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите, од кои голем број  маскирани,  насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата спроведе соодветни мерки и активности – велат од МВР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...