Никоj од овие луѓе тука, барем повеќето, не знаеше што може да се случи на 27 април.
Вака Александар Василевски Нинџа почна да раскажува што се случувало на 27 април, откако претходно кажа дека во 2015. бил ангажиран од УБК односно од тогашниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој како обвинет во „Таргет-Тврдина“ избега и доби азил во Грција. Тој во неговиот исказ директно посочуваше лица кои од штабот на ВМРО-ДПМНЕ ги координирале настаните.
Нинџа кажа дека дента тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски му се јавил да биде во Скопје бидејќи имало сознанија дека тогашната опозиција спрема нешто.
Дента бил во Куманово, потоа во Ѓорче Петров од каде се упатил во центарот на Скопје каде седнал во ресторанот „Дион“ на кејот на Вардар.
– Околу 16 часот ми се јави Владимир Атанасовски да надгледувам бидејќи имаат информации дека тој ден СДСМ ќе сакаат да изберат претседател на Собранието. За да ја следи состојбата, Атанасовски ми кажа дека лично го има известено и Јане Ченто. Во 17 часот дојде мојата сопруга. Отидов до кафулето „Тренд“. Седев таму, мислам, до 17.40 часот по што ми се јави тогашниот организационен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски и ми кажа да отидам до штабот. Во тоа време имав контакт и со господинот Сашо Мијалков кој ми рече: „Дојди во база“. Тогаш база беше Белиот штаб. Се вратив во „Дион“, поседов и заедно со лицето Веле Петрушевски отидовме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ околу 18.10 часот. Стигнавме до гаражата „Тодор Александров“. Влеговме од долниот дел на гаражата. Се качив на спрат нула. Просториите на Сашо Мијалков се наоѓаа некогаш на 5-ти, некогаш на 6-ти, некогаш на 8-ми кат. Кога дојдов во штабот, неговото обезбедување го немаше. Мислев сите се горе. Се качив на 8-ми кат. Таму имаше и една сала, се упатив натаму, го оставив телефонот на столче. Кога влегов видов други луѓе. Мијалков не беше таму. Таму го забележав командно оперативниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Тука беа Билјана Бришковска Бошковска, Спире Ристовски, Митко Чавков, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски. Сите разговараа на мобилните – раскажа Нинџа.
На телевизија Нова во штабот се гледал директен пренос од случувањата пред Собранието. Како се движела толпата кон Собрание, рече тој, така се издавале и наредби.
– Билјана Бришкоска Бошковска комуницираше со Трајко Вељаноски кој даваше насоки за состојбата внатре. Миле Јанакиески и Спире Ристовски комуницираа со Бетмен. Кирил Божиновски ги викаше сите општински комитети од цела Македонија да дојдат во Скопје по директива од партијата. Чавков имаше комуникација со Ивица Вучевски и Митко Пешов. За некое време дојде и директорот на УБК Владимир Атанасовски. Тука, сакам да нагласам дека се координираше сето тоа што се случи на 27 април. Како што доаѓаше масата кон Собрание така наредбите беа подиректни. Бришкоска Бошковска кажуваше дека првото сценарио не успеало. Дека пратениците не ја завршиле својата работа, не предизвикале тепачки во Парламентот. По што дојде насока од неа, му се јави на Вељаноски и му кажа да се отворат вратите во Собранието. Бев во штабот до 19.15 часот. По што директорот Владимир Атанасовски ми рече да одам на терен и да известувам што се случило – рече Нинџа.
Тој кажа дека кај „Жена парк“ и Градска болница, како што било договорено, се видел со Никола Бошкоски (тогашен помошник началник на Петта управа, сега обвинет во „Таргет-Тврдина“ кој заедно со Горан Грујевски избега и доби азил во Грција) вратите од Собранието веќе биле отворени, а Нинџа и Бошкоски набљудувале откај Градска болница.
Потоа му се јавиле на обвинетиот Никола Митревски Кољо кој бил во Собрание за да му кажат да излезат тие што се внатре и да дојдат во „Жена парк“, таму да се најдат.
– Кога одевме кон „Жена парк“, Бошкоски му вртеше на Владимир Атанасовски и му кажа дека во Собранието е настанат хаос, по што истиот цинично му одговорил: „Комуњарите сакаа да бираат претседател, така им е“. Атанасовски го извести Бошкоски дека во тој момент во штабот на 8-ми кат е шефот на кабинетот на претседателот, Борис Јосифовски, и дека во секој момент може да биде прогласена воена состојба. Во „Жена парк“ го сретнав поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски, седеше на клупа – раскажа Нинџа.
Дека во секој момент можела да се прогласи воена состојба на Нинџа му кажал и Грујевски.
– Ми кажа дека има информации од военото разузнавање дека секој момент може да се прогласи воена состојба. Ова почна некаде пред да почне да делува полицијата. Додека седев со него некој од внатре му јави и тој ми рече „Ова не е на арно, некој друг ја презел командата“, мислејќи на внатре во Собранието бидејќи полицијата почнала да делува – рече Нинџа.
Сепак, посочи тој, според тоа што му го пренел Грујевски, имало информации дека претседателот Ѓорѓе Иванов не прогласил воена состојба под влијание на странски фактор.
– Оваа вистина, потенцираше Нинџа, што јас ја видов на 8. спрат во штабот никој не ја знаеше.
Вечерта на 27 април околу 22.45 часот му се јавил Никола Бошкоски и му кажал дека ќе дојдат да го земат со службено возило откај Градска болница. Нинџа со тоа возило отишол во една од базите на Петтата управа, во близина на државна болница и МВР, каде биле Никола Бошкоски и еден од обвинетите, Сашо Марковски.
– Во неврзан разговор разбрав дека се одземени хард дисковите од мониторинг собата во Собранието. Бошкоски му се јави на Атанасовски што да прави со хард дисковите, а тој му кажа да се уништат. Марковски ги извади хард дисковите од плаво најлонче и ги стави на пресата. Хард дисковите беа црни по големина 20 на 20 сантиментри. Почна да ги уништува – раскажа Нинџа.
Бидејќи тој немал возоло, потоа Бошкоски го вратил дома во Автокоманда, а попат застанале во Ќерамидница каде Бошкоски од „цигански мост“ во Вардар ги фрлил уништените хард дискови и цедиња.
Прочитајте што друго се случуваше на денешното рочиште во Кривичниот суд на кое Нинџа ја изнесуваше својата одбрана:
- Нинџа: Горан Грујевски ме ангажираше во УБК кога Заев почна да ги објавува бомбите
- Тајната полиција го следела Спасовски додека бил технички министер, тврди Нинџа
- Нинџа: Имаше насока да се влезе во ДИК и да се врши насилство
- Нинџа: Имав притисоци од Горан Грујевски да не се предавам
- Нинџа: Бришкоска му кажа на Вељаноски да се отворат вратите, Чавков викаше полицијата пасивно да делува
- Уапсениот ексдиректор на УБК Атанасовски спроведен да сведочи за 27 април, но не знаеше каде точно бил
- Братот на Нинџа кој беше телохранител на Груевски: Од Виена имав семеен разговор со Александар
- И Вељановски и Села ќе добијат покана да сведочат за 27 април