Самитот на НАТО почна и заврши, премиерот генералниот секретар Јенс Столтенберг ја врачи поканата и порача дека мора да го смениме името за да влеземе во Алијансата, премиерот Зоран Заев ја донесе поканата во Македонија, некои аплаудираа, други критикуваа, власта организира журки, се крена и голема прашина за настапи на пејачите на прославите, а претседателот Ѓорге Иванов сѐ уште молчи.
Познато е дека тој нема да го потпише Законот за ратификација на Договорот со Грција, а од друга страна, пак, тука се и неговите изјави дека „НАТО и ЕУ се стратегиски цели за Македонија“, но сега останува непознат неговиот став во ситуација кога земјава и официјално доби покана од Алијансата којашто е поврзана токму со Договорот за името.
Од неговиот кабинет, по Самитот на НАТО и добивањето на поканата до овој момент не соопштија ништо. Плусинфо се обиде да добие став од претседателот на државата, но до овој момент не добивме никаков одговор.
Без одговор останавме и претходните три дена. Во пресрет на одржувањето на Самитот, прашавме дали Иванов добил покана да биде дел од македонската делегација во Брисел и која е неговата одлука, ќе присуствува или не, но од вилата на Водно освен молк немаше ништо друго. Иако инсистиравме на одговор и деновите кога Самитот се одржуваше, а претседателот го немаше таму, од неговиот кабинет молчеа.
Во текот на оваа недела, освен информациите дека Иванов присуствувал на инаугурацијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, од Водно сѐ „јавија“ и пред неколку часа, но само на социјалните мрежи. На страницата на Иванов на Фејсбук објавија кратка информација и фотографии од синоќешното негово обраќање на отворањето на културната манифестација Охридско лето.
Во меѓувреме, на тема за поканата од НАТО, реагираа сите политички партии, и оние кои се во парламентот и оние надвор од него, дел изразија поддршка, други критикуваа и се противеа.
Власта за утре закажа и прослави во 15 градови, на кои треба да настапат 40 артисти, а дел од медиумите блиски до опозицијата го вперија прстот кон пејачите. Вокалот на групата Љубојна, Вера Мишоевска-Јосифовска, изјави дека не знаела за ангажманот, меѓутоа никој од артистите досега не го откажа настапот.
ФОТО: EPA/NAKE BATEV