Илија Димовски: Нема да учествувам во ниту една фингирана пресметка во ВМРО – ДПМНЕ

5298

Пратеникот Илија Димовски со писмена изјава се огласи во врска со бурата во ВМРО – ДПМНЕ во која е категоричен дека нема да учествува во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во партијата.

Изјавата на Димовски е во пресрет на вечерашната седница на Централниот комитет  на која, според партиски извори, се очекува, жестока дебата за најновите случувања и потези на раководството на партијата од распишувањето на референдумот, до бараната подршка од страна на власта за промена на името за што се одметнаа седум пратеници од ВМРО – ДПМНЕ кои се исклучени од партијата.

Изјавата ја пренесуваме интегрално:

„Останувам на мојот принципиелен став за тоа дека договорот од Преспа има штетна содржина во себе, дека власта погрешно го водеше целиот процес и дека не смееше да биде исклучива спрема опозицијата од самиот почеток.

Останувам и на ставот дека јас како пратеник немам право и легитимитет да гласам за промените во Уставот. Како што постапив во првата фаза, така ќе постапувам и во иднина. Но, останувам и на мојот добро познат став дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време, и пред и после валандовскиот Конгрес, се води во погрешен правец, што се гледа низ неостварените политички цели на партијата.

За жал, сега веќе е видливо, дека партијата се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови кои за едни, други или трети теми имаат различно мислење од претходното и од сегашното раководство. ВМРО-ДПМНЕ сама се доведе во ситуација да го изгуби капацитетот да влијае на било кој сериозен политички процес во земјата и државните одлуки повеќе, за жал, не зависат во ништо од ставот на мојата партијата.

Партијата веќе подолго време не успева да оствари ниту една од своите политики и заложби токму заради оваа изолација. Така и нашите поддржувачи губат верба дека било што и да е став и заложба на ВМРО-ДПМНЕ тоа некогаш може да стане реалност и да се ефектуира. Штета е и што внатрешно во себе, наместо да се шири, развива и расте, да прибира повеќе луѓе и идеи околу себе, партијата континуирано се занимава со бркање т.н. предавници, непријатели и нелојални членови.

Се додека не се воведе принципот на почит и поддршка за различно мислење од официјалниот став на партијата по однос на политиките, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да напредува. Во тој контекст размислувам и дека нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата. ВМРО-ДПМНЕ растела секогаш кога прибирала луѓе околу себе. Сакам да подвлечам дека нема да учествувам во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почнувајќи со Конгресот во Валандово па се до ден денес сите се такви, фингирани.

На ВМРО-ДПМНЕ во овој момент му требаат неколку работи.

Прво и неодложно мора да се направи темелна, а не козметичка реформа на партискиот Статут, со целосна демократизација на процесот на носење на политички одлуки, но и целосна демократизација на процесот на избор на партиските тела и органи почнувајќи од местните комитети па се до највисоките органи.

Второ и суштинско е да се напушти принципот дека партијата мора да се води по правилото за градење на култ на личност.

Трето, ВМРО- ДПМНЕ има обврска да направи дисконтинуитет со грешките од минатото.

И четврто, партијата мора да научи да гради нови мостови наместо да ги крши и оние кои досега ги има. Овие чекори се единствен начин како партијата може да дојде повторно на сериозно ниво да влијае на политиките во државата, а и еден ден да се надева дека ќе се врати на одговорноста да ја предводи Македонија“, пишува пратеникот Илија Димовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...