За разлика од повеќето овдешни коментари кои однесувањето на македонскиот амбасадор во Вашингтон во врска со игнорирањето на посетата на министерката за одбрана Шекеринска на нашиот стратегиски партнер, САД, во најлош случај, го третираат како политички и дипломатски скандал, а во најдобар случај како однесување на еден напудрен политички недокваканко кој не е во можност да ја процени сериозноста на своите постапки, јас мислам дека работите, за жал, се малку посериозни од тоа.
Имено, се чини неверојатно дека македонскиот амбасадор во САД преземал вака сериозни антидржавни активности на своја рака. Напротив, постојат големи шанси дека за ваквото свое однесување тој не само што се консултирал, туку и добил инструкции од Кабинетот на Претседателот на државата, Ѓорге Иванов.
Од друга страна, познато е дека во Кабинетот на нашиот претседател, кога се размислува за иднината на македонската кауза, превладуваат силни антизападни и антиалбански, односно просрпски и проруски емоции и развиени политички, дипломатски и разузнавачки врски со Москва и со Белград. Стратегијата на Кабинетот на Иванов – кој, да потсетиме, по насилствата на 27 април минатата година требаше да прогласи вонредна состојба во државата и да помогне во инсталирање не само на криминален, туку и на јасен антизападен режим во Скопје – е на секој начин да се поткопа можноста за зачленување на Македонија во НАТО. На таа задача кај Иванов се работи 24 часа дневно.
Според тоа, однесувањето на македонскиот амбасадор во Вашингтон би морало де се гледа во таков контекст: неговите постапки не се резултат на хировите на некаква самобендисана будала чиишто политички газди ги изгубиле последните избори, па тој се одмаздува на Владата во Скопје со правење дипломатски скандали во престолнината на најмоќната држава во светот; туку може да се резултат на промислена операција и дадени инструкции кои имаат за задача да ги поткопаат стратегиските ориентации на неговата земја во најчувствителните државни области, како што се одбраната и надворешната политика.
Следствено, ваквиот контекст на однесувањето на овој амбасадор наметнува и друг вид на последици по него. Се разбира, не е во прашање неговото итно отповикување од Вашингтон, бидејќи постапката за тоа веројатно е веќе започната и пред да се објави овој текст. Туку се појавува неопходноста од спроведување на темелна и сеопфатна истрага за тоа дали амбасадорот не се занимавал и со други дејности против интересите на својата држава, а кои не спаѓаат само во областа на дипломатската пристојност и неписменост? Односно, има ли основи за сомневање дека амбасадорот се занимавал и со активности кои подразбираат кривични дела од областа на велепредавството или шпионажа во корист на друга држава?
Нема сомневање, се работи за многу непријатна ситуација, не само за амбасадорот во Вашингтон. За таков вид на истрага амбасадорот не ужива имунитет во Македонија, а ниту може да добие ефективна заштита од Иванов, освен ако самиот претседател не посака скандалот од амбасадорот да се пренесе врз него. Што би било и најисправно, кога не би подразбирало извесна доза на потреба од храброст кај претседателот.
Дури, би рекол дека доколку ние не отвориме постапка за испитување на целокупната работа и однесување на овој дипломат во Вашингтон, тоа од нас, веројатно дискретно, може да го побараат нашите сојузници од САД. Наша е бруката што сме испратиле таков дипломат таму, но евентуалната штета од неговото работење не мора да се ограничи само по стратегиските интереси на Македонија. Особено што можеби и не би било првпат да ни се случуваат вакви работи со наши дипломати.
Извор: Цивил медиа