Заев ќе замете на Илинденска, но и на Бихаќка

2085

Земјотрес во раководството на СДСМ, во Владата, но и на локално ниво, најавил премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на вчерашниот состанок, по фијаското во првиот изборен круг на претседателските избиори.

Плусинфо веќе објави дека генералка од министри до директори ќе следи по слабите резултати од првиот изборен круг.

Висок функционер на СДСМ брифира дека по изборите на 5 мај ќе следи целосен ремонт на партиското раководство и на владините функционери кои потфрлиле на изборите, но и во раководењето со министерствата и со институциите. На тапет ќе бидат и локалните функционери, бидејќи социјалдемократите остварија послаб резултат од кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во 47 општини.

Доколку Заев ја реализира најавата за „метла“ тоа ќе значи дека сериозно се тресат фотелјите буквално на целото раководство, оти речиси секаде СДСМ потфрли со резултатот. Ова може да значи дека ќе лета генералниот секретар и шеф на изборниот штаб, Александар Кирацовски, за севкупното потфрлање на изборите и за поразот во Битола. Кога станува збор за поразот во Скопје очекувањата се да има смени на некои од потпретседателите како Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Радмила Шеќеринска и Мухамед Зекири.

СДСМ потфрли и во Штип, па на тапет за смена може да се најде Благој Бочварски кој исто така е потпретседател на партијата. Но, партиски извори брифираат дека не е сигурна ниту фотелјата на потпретседателот Оливер Спасовски иако Куманово е меѓу општините каде кандидатот Стево Пендраовски е пред Силјановска, поради тоа што за првпат социјалдемократите во Куманово остварија низок резултат. Засега според ваквата анализа, сигурна е фотелјата на потпретседателката Фросина Ременски, бидејќи Крива Паланка оствари победа за Пендаровски.

Најверојатно ќе има смена и на претседателот на скопската организација Александар Бајдевски.

Од СДСМ брифираат дека кога станува збор за извршната власт, смени освен на министри од СДСМ ќе има и од коалицијата, но и од владиниот партнер ДУИ.

Чистка ќе се прави и на локално ниво, односно ќе се бараат механизми градоначалниците кои не заслужуваат, да не го истуркаат мандатот до крај.

Реконструкции во централната и во локалната власт, Заев најавуваше уште одамна, а такви пораки испраќал и на партиските состаноци, во поширок и во потесен состав.

СДСМ направи промена и во кампањата за претседателскиот кандидат. Од вчерашниот собир во Карпош е видливо дека Пендаровски е придружуван не само од претседателот Заев, туку и од раководството на СДСМ. Од партијата велат дека така ќе биде до крајот на кампањата.

Договорено е и ударните митинзи да бидат во последната недела од кампањата, бидејќи за велигденските празници, односно во петок, сабота и во недела ќе нема собири и митинзи.

Премиерот вчера од собир во Карпош рече дека пораката од гласањето во првиот изборен круг е примена и дека ќе има чистки.

– Секако дека ќе расчистиме со некои луѓе. Видовме дека некаде имаме решенија со луѓе кои немаат доволно капацитет да му служат на народот. Има незадоволство и од централната и од локалната власт. Граѓаните ни ја испратија пораката. Граѓаните тоа јасно и гласно ни го кажаа. После изборите ќе се случат промени. За да дојдат други, кои поучени од нивните претходници, нема да ги прават истите грешки – рече Заев.

Индивидуална одговорност за изборниот резултат најави и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој воедно повика граѓаните да не ја казнат државата, туку нив.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...