Ден за одлука дали Груевски ќе се пакува за во затвор

2113
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Денеска судијата за извршување санкции треба да донесе одлука дали ќе го одложи издржувањето на затворската казна на екс премиерот Никола Груевски.

Молбата на 10 страници за одложување на казната, одбраната на Груевски ја поднесе со образложение дека тој како пратеник е неопходен во Собранието, како и од причина што има обврски после докторатот, односно затоа што пишува книга на тема од економијата.

Зависно од одлуката на судијата за извршување санкции, и обвинителството и одбраната имаат можност да поднесат жалба до кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1. Кривичниот совет е должен да се произнесе за жалбата во рок од три дена откако ќе ја добие.

Покрај оваа молба, Груевски и неговите адвокати поднесоа барање за вонреден правен акт до Врховниот суд за преиспитување на пресудата.

Од овој суд можат да донесат решение да го одложат изршувањето на затворската казна додека кривичните судии во Врховен не се произнесат по вонредното преиспитување на пресудата. Иако е реткост, таква одлука имаше и во случајот со екс премиерот Владо Бучковски за аферата „тенковски делови“.

Но, за да не оди во затвор одлука за евентуалното одлагање во Врховниот суд треба да падне најдоцна до 8 ноември – датумот кога Груевски треба да се јави во Шутка, бидејќи преиспитувањето на пресудата не го одложува извршувањето на казната.

Сепак, краткиот временски период не остава големи шанси врховните судии да се произнесат пред 8 ноември затоа што за да одлучува на Врховен му е потребен материјалот од целиот предмет, односно и пресудата за Груевски, но и оние за поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски и за екс министерката Гордана Јанкулоска. Меѓутоа, предметот за Јанкулоска е сѐ уште во Кривичниот суд бидејќи се очекува таа да поднесе жалба за затворската казна од шест години. Жалбата се поднесува до Апелација, но од првостепениот суд најавија дека кога таа би поднела жалба тие ќе направат копија на материјалите и ќе ги испратат во Врховен, додека оригиналите ќе бидат во Апелацискиот суд. Врховен, покрај тоа што треба да ги чека материјалите за предметот, ќе треба да побара мислење и од СЈО.

Врховен и да не стигне евентуално да ја одложи казната на Груевски, тоа ќе може да го направи и откако тој ќе влезе во затвор.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...