Текст објавен во грчките медиуми за непроменетото име на сајт за туристичка промоција на земјава Macedonia timeless, беше причина да реагираат од опозициската Нова демократија со остри критики до грчката влада, на што експресно стигна одговор од шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, јави дописничката на МИА од Атина.
– Провокативната и дрска употреба на терминот Македонија од официјален сајт на Скопје и тоа за туристичка промоција на соседната земја, на најлош начин ги оправдува предвидувањата на Нова демократија. Дека по неприфатливото отстапување на владата на Ципрас, на соседите, безусловно, да им ги отстапи наводните „македонски идентитет и јазик”, терминот „Северна” едноставно ќе избледи и ќе се заборави. Владата мора веднаш да реагира – соопштуваат од најголемата грчка опозициска партија Нова демократија.
Од кабинетот на Јоргос Катругалос, министерот за надворешни работи на Грција, излегоа со соопштение по написите во весниците и прилозите на телевизиите и радијата.
– Нова демократија уште еднаш одбра да биде опашка на жолтиот печат што ја поддржува нејзината политика. Од очигледни причини за ситнополитичка употреба, одбира да го игнорира фактот дека целиот свет, соседната земја ја нарекува Северна Македонија, дека промени стотици имиња на институции и објекти за да одговараат на новото име и продолжува со тоа, и дека веќе од 15-ти мај е соопштено дека ќе ја промени туристичката кампања за да се усогласи со новото име – соопштуваат од кабинетот на Катругалос