Грчката министерка за култура, Мирсини Зорба, предлага Северна Македонија и Грција да направат трампа на скулптури. Ние да им го дадеме „Воинот на коњ“, а тие нам познатата скулптура „Дромеас“ („Тркач“) која се наоѓа на плоштад непосредно пред хотелот Хилтон во Атина.
Станува збор за една од најпознатите атракции во Атина, направена е во 1994 година од стакло и железо и висока е 12 метри. Автор на скулптурата е познатиот уметник Костас Вароцос. „Тркачот“ веќе еднаш беше преместен. Првично беше поставен на плоштадот „Омонија“, но кога почнала изградбата на метрото поради стравот дека од тресењето и вибрациите од градежните активности може да се оштети, е преместена на споменатиот плоштад кај Хилтон.
Веста за предлог-трампата на грчката министерка ја пренесоа повеќе грчки медиуми, а прв ја објавил весникот „Македонија“.
Информацијата ја потврдил и Вароцос, кој не сакал да каже јавно дали ќе го прифати ваквиот предлог, бидејќи е потребна и негова согласност како автор.
– Што имав да кажам, ѝ кажав лично на министерката – рекол уметникот.
Министерката, пак, пренесуваат грчките медиуми, му посочила дека тоа е во склоп на Преспанскиот договор.
Влада: Во моментов нема иницијатива за размена на споменици