Груевски на тајна средба со помошник секретарот на унгарското МНР

1181

Експремиерот и азилант Никола Груевски во петокот сакал средбата со помошник секретарот на унгарското МНР да остане во најголема тајност. Но, плановите му ги расипал новинарот на  „444“ – медиумот кој го начека Груевски и објави детална анализа за настанот, информира НОВАТВ.

Новинарите го забележале Груевски како влегува во влезот каде што е сместена нивната редакција. Тој со уште двајца мажи влегол токму во станот до оној каде се наоѓа редакцијата на „444“.  Новинарите го чекале околу еден час да излезе од станот, но штом тој ги забележал на излегување, брзо се скрил назад во станот. По кратко, Груевски сепак излегол во придружба на еден од мажите кои биле со него. Третиот бил одлучен да се скрие од новинарската камера и останал зад вратата на станот.

Откако новинарот го допратил Груевски до автомобилот кој го чекал, поставувајќи му прашања кои тој не ги одговори, забележал дека автомобилот имал лепенка на која било означено дека возилото е сателитски следено.

На враќање кон редакцијата, новинарот и снимателот го пресретнале и третиот човек кој бил со Груевски во станот. Тие веднаш го откриле неговиот идентитет, станува збор за Иштван Јо кој е заменик секретар во унгарското Министерство за надворешни работи.

Редакцијата на „444“ веднаш се обратила до Министерството за да дознае која била причината за средбата со Груевски, но тие им одговориле дека немало ништо невообичаено вработен од МНР да биде во контакт со човек кој бил долгогодишен премиер на својата земја.

Груевски попладнето во петокот присуствувал на бизнис настан наречен „Будимпешта бизнис забава“, па редакцијата на „444“ претпоставува дека можеби тоа била причината за средбата во станот.

Станот кој се наоѓа веднаш до редакцијата, во минатото бил користен од туристи преку Airbnb. Според податоците од регистарот за сопственост, станот им припаѓа на двајца Кинези. Унгарската редакција се сомнева дека станот е користен од безбедносните служби за одржување на средби кои не се за во јавност. Сепак некој направил огромна грешка што избрал стан за ваков тип на средби со оглед на тоа дека редакцијата на „444“ е сместена веднаш до станот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...