Градоначалниците на Гази Баба и на Вевчани, Борис Георгиевски и Сашо Јанкоски ја демантираат Антикорупциска дека не доставиле анкетен лист и изјавата за интереси.
– Од страна на претседателката на ДКСК на денешниот прес конференција беа изнесени лажни информации дека јас, Сашо Јанкоски во својство на градоначалник на општина Вевчани не сум доставил анкетен лист и изјава за интереси. Ова во целост го демантирам бидејќи на 24.9.2018 година сум ги испратил по пошта, а на 25.9.2018 истите се примени и во ДКСК и во УЈП. Јавно ја прашувам претседателката, ако не сум доставил анкетен лист како тогаш истиот се нашол на страната на ДКСК – вели Јанкоски, кој до медиумите ја достави изјавата која ја дал на нотар каде јавно се откажал од заштита на банкарските сметки во домашни и странски банки.
И градоначалникот на Гази Баба вели дека во интерес на јавноста известува дека со стапувањето на должноста до Антикорупциската комисија доставил и анкетен лист и изјавата за интереси, како и дополната на анкетниот лист поради земен кредит.
– Изјавата на претседателката на државната комисија за спречување на корупција, со која изјавува дека јас сум еден од петтемина градоначалници кои не доставиле ниту Изјава за интереси ниту Анкетен лист е целосно невистинита и очигледно станува збор за технички пропуст на комисијата – вели Георгиевски кој побара јавно извинување од претседателката Билјана Ивановска.