Војна против билбордите – џабе фарбате, ташната стоо!

Уништувањето на билбордите на ВМРО-ДПМНЕ е доказ за нервозата и паниката која владее во СДСМ, се огласи опозициската партија, по вандализирањето на билборди кои го обвинуваат Зоран Заев за криминал.

1509

Засега непознати лица, за кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека се членови на СДСМ, на повеќе локации во Скопје, со ваљаци и со боја ги премачкувале билбордите што ги поставила оваа партија, со цел да потсети на криминалите на власта.

На билбордите стојат пораките „Еден се богати, две милиони осиромашуваат“ и „Едно евро од квадрат ми донеси. На мене директно“, придружени со фотомонтажа на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со Луј Витон торба.

Во полемика на социјалните мрежи едни ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека почнала негативна кампања, но други потсетуваат дека негативната кампања не е забранета и се бунат против вандализирањето на билбордите. Од поинтересните пораки на мрежата е онаа која вели: „Џабе фарбате, ташната стоо“.

Се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, со реакција во која се вели дека уништувањето на билбордите е доказ за нервозата и паниката која владее во СДСМ.

„Причината за демолирањето на билбордите кои ја говорат вистината за Зоран Заев е стравот во владејачката партија од соочување со одговорност и уште еден обид за цензура на вистината. Додека Заев се богати, два милиони осиромашуваат е вистината за криминалот на Заев кое неговото обвинителство и судот по принципот трас-трас го амнестираше.Насилството, цензурата и криминалот се белег на хибридниот режим на Зоран Заев. Тоа нема да не спречи туку не охрабрува да продолжиме да ја говориме вистината за тоа како Заев владее во земјата. Не може да сме најкриминалната земја во Европа, а Заев да е невин. Тој е креаторот и мозокот на рекетот во Македонија“, се вели во реакцијата.

Партијата ги повика надлежните институции да ги пронајдат насилниците и да ги превземат потребните мерки против ваквиот обид за цензура.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...